Власта да се откаже од укинување на техничката Влада или СДСМ ќе се повлече од работата за Изборниот закон, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој го повтори ставот на СДСМ дека техничката влада не треба и не може да се укине и дека таа е единствен гарант за спроведување на фер и демократски избори.
„Во ситуација кога има целосна контрола на оваа власт врз судството, кога се именуваат партиски послушници за судии и за обвинители, кога премиерот без грам срам од собраниска говорница, од прес-конференции, јавно со своите чувства на некој начин дели наредби на обвинителите и врши притисок врз правосудството, во ситуација кога не се знае како, на кој начин се складираат и ќе се употребуваат или веќе сега се употребуваат податоците од системот Сејф Сити, ова едноставно не смее да се случи“, рече Филипче.
Според него, овој манир на владеење е еднаков на манирот на владеење од времето на Никола Груевски од 2006 до 2016 година.
И затоа, рече Филиплче, доколку денеска овој закон помине на Комисија и власта продолжи да ја тера собраниската процедура, нашата пратеничка група се повлекува од работната група за работа на изборниот закон.
„Овој Закон за влада и укинување на Пржинската влада мора власта да го повлече. Вакви автократски манири не се дозволени и нема да прифатиме. Да потсетам, тој закон беше донесен за изборите во 2016 година, но на барање на Христијан Мицковски законот беше вратен во 2018 година и така важеше на нивно барање и за парламентарните избори во 2020 година. Затоа уште еднаш повторувам, власта овој закон мора го повлече, Пржинската Влада, којашто е единствен гарант во оваа форма во која што сега важи законот за спроведување на фер и демократски избори, мора да остане. Во спротивно се повлекуваме од работата за изборниот закон од работната група којашто се води Министерството за правда“, рече лидерот на СДСМ.