Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека најновиот извештај на Европскиот парламент директно ги потврдува предупредувањата на СДСМ за ширењето на антиевропски наративи и странското влијание врз јавниот простор во државата.
„Понатаму, странско мешање, вклучително и преку медиуми под унгарско влијание кои шират антиевропски наративи. Не го кажа ова Венко Филипче? Извештајот на Европскиот парламент. Го потврдува тоа што го говориме со месеци наназад. Изразуваат загриженост поради стратешкото преземање на клучни телевизиски станици и новински портали од страна на унгарски медиумски лица, со тоа што се овозможува антиевропските наративи да навлезат во јавната дебата“, цитираше Филипче од извештајот.
Ова е уште една потврда дека Владата не работи на европската агенда, туку свесно дозволува создавање атмосфера на страв и недоверба кон Европската Унија, додаде тој.
„Значи Европскиот парламент јасно порачува дека реформите не се спроведуваат, а политичка волја да се продолжи европскиот пат едноставно не постои“, истакна Филипче.
Тој оцени дека наместо реформи и напредок кон Европската Унија, власта ја користи темата за идентитетот за да го прикрие сопствениот неуспех.
„Се претставува европскиот пат како некое загрозување на нашиот идентитет, со што луѓето се исплашени. Се користи истата приказна со која настапија на изборите во 2024 година – дека тие се големите патриоти кои ќе го одбранат идентитетот и дека Европа е таа што го загрозува. со тоа што се подгрева антиевропскиот наратив, со тоа што тој кажува дека Европа го загрозува нашиот идентитет, што не е вистина, поради тоа што во основните постулати политички на Европската Унија стои дека се почитува сечија различност, идентитет и јазик, што го потврдува и председателката Гордана Силјановска. Во Брисел зборува за реформи, тука на луѓето им кажува дека тоа е предаст и дека тоа е ризик за нашиот национален идентитет. Тоа не е вистина. “, рече Филипче.
Тој предупреди дека ширењето антиевропски наративи и постојаното заплашување на граѓаните ја водат државата во погрешна насока.
„Апелирам граѓаните да не подлегнат повторно на неговиот трик, затоа што единствено нешто кон што оваа лажна реторика води е изолација и сиромаштија“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.