Вчера бил најтежок ден од почетокот на сезоната на пожари, со регистрирани најмалку 52 пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој посочи дека во текот на денот биле изгаснати 46 пожари, додека шест останале активни и денеска. Во меѓувреме, денеска се појавиле и нови пожари.
Еден од најтешките пожари е во близина на Прилеп, покрај патот кон Битола. Иако пожарот се шири во рамничарски дел, силниот ветер ја отежнал интервенцијата. Пожарот е ставен под делумна контрола, а во него изгорела штала во која имало одредена количина тутун.
Голем предизвик и натаму претставува пожарот кај Студеничани, во месноста Рамни Габер. Во неговото гаснење повторно учествуваат „ер трактори“ и специјални тимови на ДЗС. Станува збор за исклучително непристапен терен, поради што интервенцијата е отежната. Чадот е видлив и од Скопје, но во моментов пожарот не претставува закана за околните села.
Активен е и пожарот кај Драгов Дол, Македонски Брод, каде гори карпест терен, а на одредени места огнот навлегува и во шума. Во гаснењето се ангажирани 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на ДЗС. Тимовите успеале да делуваат врз поголем дел од еден од краците на пожарот.
Пожари има и во Босилово, во атарот на Старо Балдовци, натаму и кај Новаци, Кривопаланечко и Могила.
Ангелов упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни и да не предизвикуваат пожари.
„Секојдневната битка со десетици пожари е тешка. Доволна е една искра за да се случи вистинска катастрофа“, порача Ангелов.