Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денес при својата посета на СВР Струмица одговари на новинарско прашање за актуелната фотографија која деновиве излезе на социјалните мрежи на која се гледа командир на противпожарна единица во Велес како буричка по лични документи во простории на СВР Велес.
„Да, во текот на вчерашниот ден излезе фотографија на која се споменува дека командирот на противпожарната единица на Велес. Инаку знаете дека по барање на министерот дел од управните служби пред две недели чинам, се пренесени токму во противпожарната служба. Тамо е известена внатрешна контрола, СВР Велес, Јавен обвинител и веќе заеднички работат на испитување на случајот и докажување на автентичноста на фотографијата и на ликовите коишто се споменуваат на неа. Се надевам дека во наредните денови ќе имаме конкретен извештај кој ќе го споделиме со јавноста. Не би сакал да верувам дека некој се дрзнува од друга институција да влезе во МВР и да ги пребарува личните документи на граѓаните кои треба да се строго заштитени. Доколку тоа се утврди се надевам дека ќе има најстроги казни за инволвираните.“, дециден беше Бојмацалиев.