В недела традиционалното искачување на Титов врв, ден претходно ќе се одржат и повеќе активности

titov-vrv
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Од утре сабота почнуваат повеќето активности во организација на планинарскиот клуб Љуботен во пресрет на традиционалното 41-во искачување на Титов Врв што ќе се случува во недела, најавија денес организаторите. Во сабота, активностите ќе се одвиваат на Попова Шапка, од каде исто така во недела ќе се тргнува кон највисокиот врв на Шар Планина.

-Програмата предвидува во сабота да има акција за чистење во координација со Национален парк Шар Планина. Потоа околу 15 часот ќе се организира планинарски базар. Од 15:30 до 17:00 има планинарски квиз и забавно едукативни игри, ќе учествуват клубовите. Следува проекција на планинарски филм, додека свечено отворање ќе има во 19 часот. Ќе имаме и координативен состанок со координаторите на клубовите, изјави Јованче Даниловски, член на организацискиот тим.


Во недела искачувањето започнува во 06:30 часот со тргнување на колоната од платото пред хотел Попова Шапка кон Титов Врв по Вакуфска патека. Движењето до Титов врв е веќе обележано.

-Таа патека е веќе маркирана. Се надеваме дека во 11 ќе биде пристигнувањето на врвот, а од 12 да се упатиме назад за да до 16 часот биде завршена планинарската тура. Ние веќе бевме на терен периодов и имавме маркирање и скрининг на самата патека. Имаме два снежни „јазици“ долж патеката, која инаку е во добра состојба. Ќе има пет пункта долж целата тура, каде ќе има и медицински екипи каде што ќе имаме и водичи во самата колона. Сите учесници да се придржуваат до самата програмата, изјави Јованче Даниловски, член на организацискиот тим.

Досега се пријавиле 400 планинари за искачувањето на врвот на 2747 метри надморска височина.

-Очекуваме околу 800 планинари вкупно да бидат дел од искачувањето. Во текот на изминатите 40 искачувања бележиме околу 25000 искачени планинари. Оваа традиција е од 1980 година кога првиот пат е почнато како меморијално искачување, информираше Јован Божиноски, претседател на ПК Љуботен.

Организаторите потсетуваат дека учесниците самите треба да обезбедат храна за време на планинарењето и да имаат опрема како за зимски услови.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK