Успешно оперирано новороденче со ретка и тешка вродена срцева маана


zan_mitrev_4354343
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Клиника Жан Митрев успешно беше изведена итна животоспасувачка операција кај новороденче старо само неколку дена, транспортирано од Косово со специјализиран неонатален транспорт, во инкубатор и на механичка вентилација, поради сериозна и ретка вродена срцева маана.

Станува збор за d-TGA (транспозиција на големите артерии), комплексна срцева аномалија при која аортата и белодробната артерија се поставени на погрешни позиции уште во текот на феталниот развој. Поради тоа, циркулацијата се одвивала со мешана артериска и венска крв, со недоволна оксигенација на органите и изразена цијаноза, состојба позната како синдром на „сино бебе“.


По приемот во тешка состојба, бебето најпрво беше стабилизирано, по што беше изведена ургентна операција на отворено срце од нашиот кардиохируршки тим предводен од д-р Жан Митрев.

Со успешната корекција и реконструкција на двете големи артерии, уште за време на самата операција беше видлива драматична промена: срцето од темносина боја ја доби својата природна црвена боја, а кожата на новороденчето здрава розова пребоеност, јасен знак за воспоставена нормална циркулација.

Следеше брзо постоперативно закрепнување. Само неколку дена подоцна, бебето дише самостојно, се храни и секој ден е сè поактивно.

Иако дијагнозата звучи застрашувачки, важно е да се знае дека оваа состојба успешно се лекува со навремена интервенција и високо специјализирана грижа. Овој случај е уште една потврда за експертизата и посветеноста на нашиот тим и за можностите на современата детска кардиохирургија.

На малиот борец му посакуваме здрав раст, правилен развој и живот без ограничувања.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK