Од академската 2023-2024 година Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје е сместен во модерен универзитетски кампус кој се наоѓа во кругот на поранешната касарна „Илинден“, каде со одлука на Владата дел од објектите со површина од 3300 квадратни метри беа доделени на оваа високообразовна установа, а од државниот буџет дополнително се одвоија и 100 милиони денари за адаптација и реконструкција на просториите.
Денеска во посета на универзитетскиот кампус беа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кои лично се уверија во условите и квалитетот на наставата која се реализира во рамки на високообразовната установа.
„Сведоци сме колку е голема разликата помеѓу сегашните услови и оние во кои работеше универзитетот во изминатите осум години. Ова е најмладиот државен универзитет, одлучивме да дадеме поддршка во развојот и гледаме дека „Мајка Тереза“ веќе е модерна високообразовна установа која сигурен сум дека ќе продолжи да се развива забрзано и понатаму. Расте интересот за студирање тука, се формираат нови факултети во состав, а ќе има нови капитални инвестиции и годинава“, рече министерот Шаќири, потенцирајќи дека инфраструктурата има важна улога во квалитетот на наставата, но најважен фактор е наставно – научниот кадар.
И за премиерот Џафери евидентен е напредокот на универзитетот во изминатите години. Како што рече, учествувал во неговото основање како пратеник во Собранието, а континуирано ги поддржувал одлуките за развој и окрупнување, преку формирање на нови единици во состав.
„Ме радува фактот што според податоците кои ги изнесе ректорот и ректорската управа овде во универзитетот, бројот на студенти од година во година се зголемува и тоа само по себе зборува за квалитетот на наставата. Зошто би дошол некој да студира тука и зошто секоја година би се зголемувал бројот на студенти, ако не е квалитет во прашање“, рече Џафери.
Премиерот посочи дека Владата и натаму ќе стои на располагање на ректорската управа за надминување на сите предизвици кои тековно би се појавувале при работењето на високообразовната установа.
Универзитетот „Мајка Тереза“ е основан во 2016 година. Има 8 факултети во состав, каде наставата се одвива на 3 јазици, а активни се 2.500 студенти, За работата се грижат над 100 професори и асистенти и 70 администратори.