Триумфалниот пречек на Христовиот Победоносец во Рајчица

chudotvorna-ikona-na-sv.-georgij-pobedonosec-2024-028-260x220
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Нема поголем благослов и поблагодатна духовна посета од тоа кога Светецот заштитник ќе си ја посети својата Обител, преку чудотворен образ. Уште порадосно е тоа што ваквата посета ни доаѓа во самото поприште на Чесниот и Велик Пост, односно во навечерието на Неделата кога го славиме големиот монашки учител и бранител на Православието, Светиот отец наш Григориј Палама.







Имено, во Манастирот на славниот Победоносец ни пристигна верна изобразба од познатиот молдавски чудотворен образ на Светиот Георгиј Победоносец, кој се чува во Зографскиот светогорски манастир. Нејзиното пристигање трајно го запечати и Богородичниот атонски благослов за Рајчица, но и за целата држава, бидејќи претходно таа беше осветена на Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф. И како што му доликува на еден воен трибун, каков што бил Свети Георгиј, денес неговиот чудотворен образ беше пречекан во рајчичкото светилиште со големи почести, односно со придружба на Почесната гарда и на Воениот оркестар на Армијата, која со почесен плотун ја пречека чудотворната Икона во дворот на Манастирот, верно носена на рамената на бигорската сејменска гарда. Така, високо подигната над огромното мноштво народ што го преполни секое катче во Манастирот, со жив реален лик, се чинеше како самиот Свети Георгиј да стоеше над главите на верните и го излеваше својот благослов врз нив. Тој небесен благослов привлече во Обителта верни од сите страни на земјата, дури и од соседните земји, меѓу кои и значајни наши државници и помагачи на Светињата.

Посебна глетка за нас беше лицето на бигорскиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, кое зрачеше од радост пред чудесниот образ за кој тој толку години копнееше и се молеше, надевајќи се на чудотворната сила на Светиот Победоносец. Знаеше тој дека, исто како што Светиот го благослови воскресението на своето светилиште пред речиси 25 години, како што благоволи да нè удостои со своите Свети Мошти, така и овој пат нема да остане рамнодушен на молбите на искреното срце вљубено во Бога, и ќе го израдува сестринството со своето присуство преку овој чудотворен образ. Всушност, срцата на сличните по дух си се препознаваат. Истата онаа љубов Христова која му дава живот на секое создание, која некогаш уште од најрана возраст го привлече и освои срцето на Светиот Великомаченик Георгиј, од самиот почеток пребива и во срцето на нашиот љубен Старец. Со верата непоколеблива што ја имаше и која светли во светот и со векови е пример за маченичко исповедање на многу великани на Црквата, Победоносецот го возобнови Православието во овој крај и преку Старецот наш уште повеќе ја утврди верата во душите на нашиот род, а особено на сите кои побрзаа да дојдат и да земат учество во ова големо и несекојдневно случување во историјата на нашата Света Обител и воопшто на нашата Црква.

Затоа, како што доликува, Старецот во поздравното слово ја изрази својата огромна благодарност кон него, како кон моќен застапник кој отсекогаш го чувал и заштитувал монашкото сестринство и верните што тука притекнуваат, како и кон штедриот дарител, г. Ратко Капушевски, заедно со неговото благочестиво семејство. Во името на своето сестринство, старешинката на Обителта, монахиња Касијана, искористи можност во оваа посебна прилика да ја изрази благодарноста што сестрите ја чуваат во своето срце, заради сите дела и чудеса што Бог благоизволи да ги направи по молитвите на нивниот Старец. Воениот оркестар достоинствено ја поздрави Светињата со неколку духовни и пригодни свечени композиции и потоа и огромното мнозинство народ имаше можност да се поклони пред благодатниот чудотворен образ на Великомаченикот. Радоста не престануваше ни за миг и подоцна на празничната вечерна во чест на Свети Григориј Палама се преточи едно прекрасно и торжествено славословие.

Нека славниот Победоносец штедро ги вознагради дарителите, а својот манастир и иконата во Рајчица да ги сочува здрави и неповредени до крајот на вековите, сѐ до Второто Христово Пришествие, пазејќи го со своето моќно застапништво христијанскиот род во овој крај па и во целиот свет. Амин!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK