Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо го одбележаа официјалното отпочнување на функционирањето на доградбата во градинката „Димче Мирчев“ во Општина Велес со која се обезбедува нови 75 места за деца во предучилишната јавна установа. Воедно на посетата беше промовирана и сензорна соба, реализирана со поддршката на амбасадата.
„Ги проширивме капацитетите на градинката со опремување на три дополнителни училници. Ова проширување, за кое одделивме еден милион денари од Буџетот на Министерството за труд и социјална политика, ни овозможува да сместиме уште 75 деца“ рече Тренчевска.
Таа се заблагодари на амбасадорот што уште една сензорна соба се отвори во градинката во Велес истакнувајќи ја реалната потреба на општината од ваква сензорна соба која на децата со попреченост ќе им влијае позитивно на нивниот раст и развој.
Амбасадорот Џанг Ѕуо во неговото излагање се задржа на важноста од негување на односите помеѓу државите.
„Не одамна се вратив во Кина за да присуствувам на Централната работна конференција за надворешни работи. Конференцијата јасно стави до знаење дека промовирањето на изградбата на заедница со заедничка иднина за човештвото е главна линија на кинеската дипломатија. Токму тоа е политиката и принципот за развој на односите меѓу Кина и Северна Македонија. Од воспоставувањето на дипломатските односи пред повеќе од 30 години двете земји отсекогаш го почитувале меѓусебниот развоен пат и обрнување на внимание на главните грижи меѓу себе“ рече Ѕуо.