Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работни посети во Секторот за компјутерски криминал и Одделот за прекршоци каде одржа работни состаноци со раководствата на овие организациски единици на министерството.
Секторот за компјутерски криминал има специфичен делокруг на работа и постапува по неколку кривични дела како што се загрозување на сигурноста по пат на информатички систем, злоупотреба на лични податоци, прикажување на порнографски материјал на малолетник, производство и дистрибуција на детска порнографија, намамување на обљуба или друго полово дејствие на малолетник кој не наполнил 14 години и други.
„Имајќи ги предвид квалификациите што се потребни за кадарот кој работи во овој Сектор и конкуренцијата на пазарот на труд, потребно е во најбрзо можен рок да се преземат соодветни мерки со цел задржување на постојниот и привлекување на нов кадар во овој дел.
Во однос на Одделот за прекршоци исто така има недостаток на соодветен кадар кој треба да исполнува посебни услови согласно Законот за прекршоци заради ефикасно извршување на големиот обем на работа кој го имаат. Во иднина треба да се размислува за олеснување на процедурите во делот на прекрошочната постапка, дигитализација и користење на бенефитите кои ги нудат современите софтверски решенија“, истакна Тошковски.