Четврти ден по трагедијата во Кочани со 59 починати и 196 повредени министерот за здравство Арбен Таравари соопшти дека сите пациенти сместени во сомашните и во странските болници се во стабилна состојба. Во нашите болници се лекуваат 72 повредени во пожарот, а 101 се во странство.
Од дваесет пациенти кои од земјава во критична состојба беа испратени на лекување во неколку странски клиники, денес има само десетмина пациенти кои се во потешка состојба, но се стабилни и надвор од животна опасност.
Од вчера почнати се и исписи од болниците на повредените во пожарот кои се во подобра состојба. Испишани биле тројца пациенти а министерот Таравари најави дека веќе се планирани и нови исписи за следните денови. Сите пациенти пред да си заминат дома мора да направат токсиколошки анализи.
„На сите пациенти кои ќе се испишуваат ќе им се прават токсиколошки анализи. Затоа и денеска не брзавме да ги испишеме, имавме неколку пациенти што беа за испис. Ќе дојдат искусни токсиколози и ќе направат испитувања, да бидеме сигурни за да ги пуштиме на лекување во домашни услови“, рече министерот Таравари.
Од следната недела тој се надева дека ќе почнат да ги повлекуваат и пациентите кои се на лекување во странство. Очекува пациентите чија состојба се стабилизирала да се вратат и тука да го продолжат лекувањето.
Попладнево, министерот најави дека на веб-страницата на Министерството за здравство ќе бидат објавени имињата на сите болници со податок колку наши пациенти се сместени во нив, без име и презиме на повредените.