Тимот „Neuro FEEIT”, составен од студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), освои прво место на светското финале за процесирање сигнали.
Задачата оваа година беше развој на систем за диференцирање на шизофренијата и биполарната психоза користејќи функционална магнетна резонанца во состојба на мирување (rsfMRI). Финалето на натпреварот се одржа на 5 мај 2023 во Родос, Грција, во рамки на најголемата светска конференција од областа на процесирање на сигнали [ICASSP 2023]
Натпреварот е организиран од одделот за процесирање сигнали IEEE SPS и Центарот за истражувања во невровизуелизација и наука за податоци при Институтот за технологија на Џорџија, САД.
Тимот беше воден од магистрантката Даниела Јанева, а во него учествуваа додипломците: Стефан Крстески, Матеа Ташковска, Ана Крстевска, Ангела Мешкова, Душан Мерџановски, Марио Величковски и Марко Палоски.
-Посветивме многу време за решавање на проблемот. Дополнителен предизвик беше интердисциплинарната област на предизвикот која е нова и тековно се истражува. Покрај големата конкуренција, успеавме да најдеме решение кое ни го донесе првото место, изјави Јаневa.
Ментор на тимот беше вон. проф. д-р Бранислав Геразов. Тие во глобална конкуренција во првата фаза беа првопласирани од трите тима селектирани за учество во финалето според рангирањето на платформата Kaggle. Второто и третото место ги освоија тимови од Универзитетот за инженерство и технологија на Бангладеш и Институтот за технологија на Израел.
-Оваа победа претставува големо постигнување за нашите студенти и за нас како факултет и универзитет. Студентитe го докажаа своето знаење и способности во конкуренција од преку 40 тимови од целиот свет. Со тоа, уште еднаш го потврдија квалитетот на образовниот процес кој се негува на ФЕИТ и УКИМ, истакна проф. Геразов од ФЕИТ.