ТАВ Македонија со 41 отсто повеќе патници во првата половина од годинава

tav1
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Преку Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во првата половина од годинава се превезени 1 338 406 патници што претставува годишен пораст од 41 процент, соопшти денеска концесионерот на аеродромите ТАВ Македонија.

Споредено со 2019 година, која што се смета за референтна година во авијацијата, бидејќи беше најсилната година од аспект на патнички сообраќај пред да се случи кризата со ковид-19, ТАВ Македонија има 15 проценти повеќе патници во првата половина од оваа година.



Во однос на бројот на летови за истиот период,  двата македонски аеродрома имаат пораст од 23 проценти, или вкупно 10 299 опслужени летови од јануари до јуни 2023 година.

-Со оглед на тоа што летната сезона е во полн ек, и со сумираните бројки за авиосообраќајот за првата половина на 2023 година, или за периодот јануари – јуни, како ТАВ со задоволство забележуваме силен позитивен тренд на закрепнување и зголемување на бројките на патници. Не само што продолжува позитивниот тренд од 2022 година, туку истиот е и надминат за 41 отсто, а прогнозите на *ACI дека патничкиот сообраќај на европските аеродроми годинава ќе биде помал за 9 проценти во однос на 2019 година, кај нас се повеќе од надминати. Ние имаме 15 отсто повеќе патници од 2019 година, која што беше најсилната година за авиосообраќајот пред кризата со ковид-19. Ваквиот пораст на бројот на патници е доказ и резултат на нашата посветеност, ангажираност и ориентираност кон резултати и кон нашите клиенти и доброто управување, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Во ТАВ Македонија сметаат дека новите авиолинии и новите авиокомпании коишто влегоа на македонскиот авијациски пазар во изминатите неколку месеци, покрај редовните авиолинии што сообраќаат преку целата година и традиционалните летни сезонски и чартер-летови, претставуваат уште еден дополнителен придонес за континуирано зголемените резултати (на скопскиот аеродром: Франкфурт со Луфтханза; Сплит со Кроација ерлајнс; Осло со Норвеџиан; на охридскиот аеродром: сезонски летови од Манчестер и Лондон-Гетвик со ТУИ и Белград со Ер Србија).

Најфреквентни дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје според статистиката за патничкиот авиосообраќај на ТАВ Македонија, за првата половина од 2023 година, јануари – јуни, биле Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 11,4 проценти пазарен удел), Базел Милуз (6,7 проценти), Цирих (5,9 проценти), Дортмунд (4,9 проценти), Виена (4,6 проценти), потоа следат Минхен Меминген (4,3 проценти), Франкфурт (3,5 проценти), Малме (2,9 проценти) и Келн (2,6 проценти).

Топ пет земји со директни летови за периодот јануари – јуни 2023 година беа Германија (27,9 проценти пазарен удел); Швајцарија (14,6 проценти); Турција (14,5 проценти); Италија (7,4 процент) и Шведска (6,9 процент).

Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај во првите 6 месеци од 2023 година на скопскиот аеродром, Виз ер има превезено најголем број патници во (64,6 отсто удел на пазарот), потоа Туркиш ерлајнс (6,6 процент), Пегасус ерлајнс (6,5 процент), Аустриан ерлајнс (4,6 проценти), Чер ерлајнс (4 проценти).

На охридскиот аеродром, во првата половина од 2023 година, најфреквентна дестинација за патување беше Базел (23,7 проценти удел), потоа Виена (22,6 проценти), Дортмунд (17,9 проценти), Меминген (11,8 проценти), Малме (8,6 проценти), Цирих (8,4 проценти) ), Амстердам (6,1 процент), а останатите дестинации имаат 0,2 проценти пазарен удел.

Моментално и согласно летниот ред на летање, од Меѓународниот Аеродром Скопје летаат 21 авиокомпанија до 47 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, шест авиокомпании летаат до 12 дестинации.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK