Таравари ќе бара мораториум за одредени специјализации за да се стимулираат онколози и патолози за кои има недостиг

Тараври-Онкологија.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Новиот министер за здравство, Арбен Таравари, заедно со директорот на Клиниката за онкологија, Игор Стојковски, и вработените ќе подготват специјален извештај за недостигот од кадар на Клиниката, кој ќе биде разгледан и на седница на Владата. Министерот и директорот денес известија дека недостигаат медицински сестри, техничари, радиолози, физичари и лекари.

„Во следниот период јас како министер за здравство ќе инсистирам да се дозволат вработувања, да не ги преоптоваруваме вработените. И така цела Македонија гравитира само тука. Се работи за 100 лежечки пациенти и 50 што се водат амбулантски. Ни преостанува идната недела да имаме конкретни барања од Клиниката и потоа заедно со директорот и со министерката за финансии да побараме, да вршиме притисок, по секоја цена да ѝ дадеме приоритет на Онкологија за да може нормално да функционира. Ваквото функционирање и за пациентите е тешко, меѓутоа, реално, за медицинскиот кадар е претешко“, рече министерот Таравари и нагласи дека ќе инсистира најбргу што може да се активираат амбулантите во Тетово и во „8 Септември“, каде што, исто како и на Онкологија, има недостиг од кадар.

Министерот веќе се информирал дека во земјата има доволно стручен кадар, кој може веднаш да се активира иако ќе поминат месеци, па и години, додека тие почнат да функционираат како што се очекува.

„Јас в понеделник ќе се видам и со деканот на Медицинскиот факултет, мислам дека ни треба стратегија за специјализации, особено за онколози. Добив информација дека не се повеќе од 50 онколози во целата држава, што е премала бројка за Македонија, а исто така и патолози. Од тука одам на Институтот за патологија да видам и таму како стојат работите, па заедно со деканот да организираме мораториум за одредени специјализации и да им дадеме предност и да ги мотивираме докторите што повеќе да специјализираат и онкологија и патологија“, рече министерот Таравари по посетата на Онкологија.

Заедно со министерот во посета на Онкологија денес беше и новиот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Тој вели дека не е случајност што се појавува заедно со министерот на Клиниката за онкологија и најави дека заеднички ќе дадат максимален напор јавните политики, што ги претставува министерот, и финансирањето, кое тој го контролира, да бидат усогласени, особено пред претстојниот ребаланс на државниот буџет.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK