СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ денеска разменија остри обвинувања по говорот на премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на Илинден во Пелинце.
Од СДСМ тврдат дека Мицкоски во својот говор, во кој повика на борба против „омразата, цинизмот и талогот што ја трујат Македонија“, ги нарекол „талог“ сите што не се согласуваат со неговите политики. Според партијата, премиерот наместо порака за единство на најголемиот државен празник, повторно ги поделил граѓаните и употребил реторика што, како што наведуваат, не доликува на премиер на сите граѓани.
ВМРО-ДПМНЕ наведе дека СДСМ сам се препознал во делот од говорот во кој Мицкоски зборувал за „талогот“. Од владејачката партија тврдат дека со реакцијата, опозициската партија потврдила дека се идентификува со тие квалификации и обвинија дека партијата е „во координација со надворешни агентурни центри“.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на посетата на Мицкоски на селото Ташмаруништа, наведувајќи дека едно лице се обидело да предизвика инцидент со непримерни дофрлувања, по што било легитимирано од полицијата. Според партијата, при легитимирањето лицето покажало бугарска лична карта и бугарска патна исправа.
„Кон “талогот” во СДС имаме една порака, без разлика на вашите договори со странски агентури и конструкциите темелени на ужасни лаги, нема никогаш да направиме отстапки на штета на идентитетот и државата. Вие продолжете да тонете во вашето политичко мочуриште и правете заговори на јахти на штета на идентитетот и државата, а ние заедно со народот ќе продолиме да работиме за Македонија“, се вели во соопштението.
Во однос на Ташмаруништа, пак, СДСМ додава дека незадоволството кај граѓаните е огромно, поради катастрофалната економска состојба, труењето со вода, изолацијата на земјата и секојдневните лаги на Мицкоски.