Апелација денеска ја укина првостепената пресуда и предметот „Талир 2“ го враќа на повторно судење пред првостепениот суд.
„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста, медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, информира дека одлучувајќи по предметот КЖ-232/23 познат во јавноста како Талир 2, по одржаната јавна седница на 23.11.2023 година, а на нејавен дел од седницата на 26.01.2024 година, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Н.Г, К.Б, на ОЈО Скопје и на правното лице ВМРО ДПМНЕ, сите изјавени против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1413/19 од 07.06.2022 година, а одлучувајќи по жалбите и по службена должност поради измените на Кривичниот законик во делот на кривичното дело од член 353 од КЗ, ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд“, се вели во соопштението од Апелација.
„Воедно, со посебно решение, судот спрема обвинетиот Н.Г. – недостапен на органите на прогонот, определи мерка притвор во траење од 30-триесет дена сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на причините предвидени во член 165 став 1 точка 1 од ЗКП – опасност од бегство“, додаваат од Апелација.
Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, претходно доби затворска казна од шест години, а поранешниот генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски, доби двегодишна условна казна за случајот „Талир 2“, кој се однесува на изградбата на партиското седиште, познато како бела палата.
Со денешната одлука на Апелација се укинуваат претходно изречените казни за Груевски и Божиновски, а на поранешниот премиер во бегство, одреден му е 30-дневен притвор од моментот на негово пронаоѓање и лишување од слобода.