Студиско патување во Словенија во рамки на проектот „Одржлив економски развој на општина Македонска Каменица“

1
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски заедно со претставници од Централ Азија Металс, Фондацијата Рудник САСА и Прајм Поинт Партнерс, деновиве учествуваа на студиско патување во Словенија. Целта на оваа работна посета како што информираа од Општината беше размена на знаење и учење од словенечките искуства, со цел нивна примена во проектот „Одржлив економски развој на општина Македонска Каменица“.


За време на студиското патување како што додадоа оттаму, делегацијата остварила состаноци во неколку рударски општини во Словенија кои успеале да ја прошират својата локална економија и со други стопански гранки.

-Учесниците имаа можност да посетат бизнис акцелератори и инкубатори, како и други ентитети кои одиграле витална улога во поддршката за создавање нови бизниси во словенечките општини. Дополнително, делегацијата оствари средби со организации за развој на туризмот, како и локални и регионални агенции за развој кои работат во насока на одржлив локален туризам и економски развој, информираа од општина Македонска Каменица.

Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски го изрази своето воодушевување од проектите и практиките што ги реализирале словенечките општини и нивниот развој во атрактивни туристички дестинации во изминатите 20 години.

-Препознавајќи го потенцијалот за пресликување на овие најдобри практики, можам да кажам дека ние сме на почетокот на овој процес, а учењето од најдобрите практики и предизвици со кои се соочиле словенците може навистина да послужат како патоказ во нашите напори за локален економски развој, рече Атанасовски.

Ивица Талевски, директор на Фондацијата Рудник САСА и заменик генерален директор на Рудник САСА, го истакна значењето на студиското патување, наведувајќи дека со посетата на овие општини стекната е доверба дека проектот за економски развој на кој заедно се работи може да биде пресвртница за иднината на заедницата.

-Секоја заедница е уникатна и треба да ги користи и надградува своите ресурси, но клучот за успехот се луѓето, посветеноста и соработката. Во Словенија, преку учество во бизнис инкубатори и акцелератори, младите активно се вклучуваат во овој процес кој дал дополнителен импулс за локалниот економски развој. Ние сме цврсто решени да соработуваме на овој заеднички проект и да креираме нови можности кои ќе им користат на генерациите што доаѓаат, рече Талевски. Делегацијата од Македонска Каменица инспирирана од успехот на Словенија како што заклучи Маја Блажев, програмски менаџер и виш советник за развојни програми во PrimePoint Partners има за цел да го отвори патот за одржлив економски развој во нивната општина, создавајќи просперитетна иднина за локалната заедница, потенцирајќи дека студиското патување во Словенија послужи како непроценливо искуство за учење од регионалните примери и искуства.

Проектот „Одржлив локален економски развој на Македонска Каменица“ има за цел да го поттикне развојот на претприемништвото во областите на одржливиот туризам и земјоделството и да ги подобри вештините на локалните претприемачи за пристап до финансии и адаптација на потребите на пазарот. Имплементаторите истакнаа дека значаен дел на оваа иницијатива е развојот на меѓународните односи и соработки, како и учењето од најдобрите практики, но и предизвици на регионално ниво.

Од Локалниот тим за имплементација на Прајм Поинт Партнерс (PrimePoint Partners) изразија срдечна благодарност до домаќините во Словенија за нивното топло гостопримство. Посебна благодарност упатија до општина Велење, словенечкиот инкубатор Саса, општина Трбовље, акцелераторот КАТАПУЛТ, музејот ДРИТЛ, Скијачкиот центар Церкно, општина Идрија, туристичка организација на Церкно, Идријско-Церкновска развојна агенција  и други за нивниот придонес во студиското патување.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK