Стоицовски: Анестезијата е редовна практика во стоматологијата, а сега ја применуваме и во клиниката „Жан Митрев“

stoicovski_emil-1-d-r
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Зошто, како и кога анестезија во стоматолошката пракса, за кого е наменета и што овозможува, како современите средства се користат во стоматологијата и што значи тоа за пациентите. Во Центарот за стоматологија на клиниката „Жан Митрев“ ќе се применува анестезија како редовна пракса за сите пациенти и прецизна дигитална стоматологија, што е новина кај нас и целосно осовременување на стоматолошката пракса. За овие новини разговараме со Емил Стоицовски, специјалист по анестезиологија и реанимација и медицински директор во клиникара „Жан Митрев“.







Новиот центар за стоматологија во Клиника Жан Митрев е најавен како најсовремен стоматолошки центар. Што значи ова за пациентите, кои и какви современи методи ќе се практикуваат?

-Здравствените услуги најважно е да ги следат и да ги применуваат современите стандарди и модерните текови. Тоа значи подобра и поквалитетна услуга за пациентите и кон тоа се стремиме. Ова проширување со центарот за стоматологија на клиникара „Жан Митрев“ е токму во насока на создавање оддел со сите услуги од областа на стоматологијата каде ќе се практикуваат најсовремените трендови. Стоматолошкиот центар во склоп на нашата клиника е сосема нов оддел кој ќе биде наменет и отворен за сите пациенти на кои би им бил неопходен ваков тип на услуга, било да се работи за здравствена или естетска потреба. Ортодонцијата, протетиката, естетската стоматологија, оралната и максилофацијалната хирургија, ендодонцијата и имплантологијата се само дел од услугите кои овој центар ќе ги овозможува.

Прецизна дигитална стоматологија е еден од новите пристапи што ќе се применува тука и станува збор за најсовремен пристап со врвна 3Д технологија со која што се  овозможува за секој пациент одделно да се изработи специфична потребна услуга и со која раководи високо специјализиран и стручен тим. Сите овие практики, нови технологии им овозможуваат на пациентите професионалност, брзина и прецизност во работењето.

Посетата на стоматолог за многумина претставува трауматско искуство, што нѐ спречува за редовна посета. Како да се надмине овој страв од стоматолог посебно за децата, но и за возрасните што понатаму може да биде сериозен здравствен проблем?

-Примената на анестезијата во стоматологијата не е ништо ново во светот, а сега со новиот Центар за стоматологија во клиника „Жан Митрев“ почнува и кај нас. Анестезијата е дел од редовната стоматолошка пракса поради многу причини. Пред сѐ овозможува леснотија во практикување на сите можни стоматолошки интервенции. Се аплицира и за поедноставни зафати и за покомплексни. Така кај пациентите веќе нема страв, нема нелагодност, ни болка. И не е само тоа, кај некои пациенти, во специфична состојба секој преглед и најмалата интервенција може да предизвика сериозен напад на паника. Секој родител знае колку е тешко и проблематично да се убеди мало дете да биде мирно додека му се поправаат забите и тоа да не создаде животна траума. Овие дози се прилагодени и соодветни на секој пациент одделно и на секоја интервенција одделно. Зборуваме за целосно безбедни и адаптирани анестезиолошки дози. Вака, посетата на стоматолог нема да биде толку трауматична и непосакувана здравствена услуга со самото тоа што ние нудиме поддршка на сите стоматолошки услуги со анестезиолошки тим кој ќе придонесе за потенцирање на комфорноста и намалување на чувството на страв и болка кај пациентот.

Спомнувате примена на 3Д технологијашто претставува тоа и која е предноста во однос на досегашниот пристап во протетиката?

-Тоа е уште една од новите практики што ќе се применуваат единствено во стоматолошкиот оддел на оваа клиника. Оваа, нова 3Д технологија служи за скенирање на состојбата на забалото и ќе создава индивидуален план за секој пациент посебно. Според ваквиот 3Д мапинг, ќе се добие најдобар преглед на состојбата и увид во секој дел. Понатаму постапката продолжува со изработка на целосен модел со 3Д принтер потребен за пациентот, а потоа следи индивидуализиран пристап. Ова е уште една од редовните практики во современиот стоматолошки пристап. За секој здравствен проблем потребен е и може да се направи индивидуален пристап и план за лечење и третман. Со нашата 3Д технологија ќе може да се направи пристап за секој пациент одделно и најдоброто решение од сите достапни можности за конкретната проблематика со успешно решавање на истата.

Што недостига во стоматолошката услуга онака како што моментално се практикува во земјава?

-Во моментот она што недостасува во стоматолошките услуги, а токму тоа ние ќе го овозможиме е 24 часовна покриеност на стоматолошките потреби и патологии. Во кое било време, кога ќе биде потребно, пациентот ќе може да се јави во нашиот центар како би можело да му се пружи веднаш соодветна дијагностика и третман. Вака екипиран, опремен современ центар и постојано достапен, може да понуди пред сѐ квалитет на услуга по сите светски стандарди кој ќе обезбедува чувство на доверба и сигурност кај пациентите, особено децата.

Центарот за стоматологија на клиниката „Жан Митрев“ е отворен за соработка со другите стоматолошки клиники. Значи ли тоа дека другите стоматолошки ординации за своите пациенти ќе може да ги користат методите и технологијата од вашиот центар?

-Клиниката „Жан Митрев“ е секогаш отворена за соработка со специјалисти од сите специјалности, па така и овој стоматолошки центар нема да биде исклучок. Просторот и опремата ќе бидат достапни за професионални и стручни лица кои би сакале да ги искористат можностите кои ние ги имаме за пациентите кои тие ги лекуваат и следат. Со овој стоматолошки центар отвораме уште едно ново поглавје од нашата мултидисциплинарност, професионалност, квалитет, достапност и сигурност, наменето за сите пациенти.

Извор: МКД.мк

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK