– Весникот на македонски јазик во Албанија „Македониум”, кој има само електронско издание, пренесува текст на лидерот на единствената македонска партија во оваа земја, МАЕИ, Васил Стерјовски под наслов „Македонците во албанскиот енциклопедиски речник”.
– Албанскиот енциклопедиски речник од 1985 година пишува за жителите од македонска националност во Пустец, за училиштето на македонски јазик, за соработката со македонските чети и за учеството на жителите во Антифашистичката народно-ослободителна војна, наведува Стерјовски, пренесувајќи дел од текстот во енциклопедискиот речник.
„(Пустец). Село во областа Корча, на брегот на Преспанското езеро. Селото е центар на истоимената општина која ги опфаќа и селата Зрноско, Церје, Леска, Шулин, Глобочени, Горна Горица, Долна Горица и Туминец, вкупно население 3920 жители. Тоа е старо село. Црквата Света Богородица од XIV век на островот Мал Град се споменува за ѕидното сликарство со уметничка вредност. Жителите на Пустец се од македонска националност”.
Исто така се наведува дека на овие простори, дејствувале “четите за слобода и тоа било место за средба и соработка со македонските чети”.
-Жителите активно учествуваа во Антифашистичка народно-ослободителна војна. Меѓу битките што се случиле овде е и онаа на 11 август 1943 година меѓу баталјонот “Фуат Бабани” и италијанските фашистички сили на превојот Бигла, стои во речникот.
Се наведуваат и други податоци за оваа општина, секогаш населена само со етнички Македонци.
– Во општина Пустец главна гранка на стопанството е сточарството и риболовот. Има средно земјоделско училиште, училиште на македонски јазик, музеј, културен дом, книжарница, болница, стопански и општински единици, пишува за Пустец во албанскиот енциклопедиски речник од 1985 година тврди Стерјовски.
Според него овој енциклопедиски речник подготвен е во Секторот за енциклопедии на Академијата на науките на Албанија, под раководство на главниот уредник Алекс Буда.