Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници најостро реагира на пораката што преку социјалните мрежи, Петар Богојески ѝ ја упати на новинарката Теодора Цветковска, авторка и водителка на емисијата „Фала многу, пријатно“, дека ќе биде ставена под надзор.
„Претходно, Богојески јавно изнесе став дека на жените им е потребен надзор од маж, Цветковска го критикуваше ваквиот став, а во најавата за својата емисија порача дека е жена без надзор. Наместо аргументиран одговор на критиката, следуваше порака во која се најавува дека таа ќе биде ставена под надзор.
Ова не е обична размена на политички несогласувања. Кога новинарка ќе биде изложена на ваква порака непосредно по јавна критика на сексистички став, тоа претставува сериозен обид за заплашување и притисок врз нејзината слобода на изразување и професионална работа“, велат од ССНМ.
ССНМ потсетува дека новинарите имаат право да ги критикуваат јавните личности, нивните ставови и нивните постапки. Политичарите и јавните актери мора да ја прифатат критиката како составен дел од демократското општество, наместо да испраќаат пораки што сугерираат надзор и контрола врз оние што ги критикуваат.
Дополнително, според синдикатот, загрижува фактот што ваквиот однос е насочен кон жена која го оспорува токму ставот дека жените треба да бидат под машка контрола.
Жените не се ничија сопственост, новинарките не се ничии поданици, а политичката критика не е основа за заплашување.
ССНМ бара јавно да се осуди ваквиот начин на комуникација, надлежните да поведат постапка, а од одговорните во Министерството за одбрана да преиспитаат дали научно наставен кадар со вакви конзервативни ставови смее да им предава на студенти на единствената воена академија во земјава, на која се школуваат и питомци од Црна Гора и од Република Турција, додека МО промовира еднаков пристап до униформа и чинови, и цивилни лица без оглед на пол или род.