Во рамки на 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ што се одржува во Охрид, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски остварил билатерална средба со претседателот на ИНТЕРПОЛ, генерал мајор Ахмед Насер Ел-Рајси.
На средбата, соопштија денеска од МВР, била изразена благодарност од претседателот на ИНТЕРПОЛ за можноста да се одржи конференцијата во Северна Македонија. Директорот на БЈБ Тасевски нагласил дека можноста да се биде домаќин на Конференцијата претставува голема чест за нашата држава.
Сашо Тасевски средба со претседателот на ИНТЕРПОЛ, генерал мајор Ахмед Насер Ел-Рајси
– Заеднички беше истакнато дека соработката со ИНТЕРПОЛ е на многу високо ниво, а воедно беше изразена волјата истата да се продлабочи и во иднина, особено кога се земе предвид фактот дека транснационалниот криминал не познава граници. Со цел да се застане на патот на транснационалниот криминал, двајцата соговорници се согласија дека веќе воспоставеното пријателство е во насока на зајакнување на соработката против овој тип на криминал, се наведува во соопштението од МВР.
Од страна на претседателот на ИНТЕРПОЛ било нагласено дека Северна Македонија е пример во регионот и дава добра слика за раководењето на полицијата во земјата.
Од страна на Тасевски била пренесена поддршката од граѓаните и од Владата за кандидатурата на Северна Македонија за домаќин на оваа конференција, што, како што се наведува во соопштението, оди во насока на зајакнување на веќе воспоставеното партнерство.