Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја посети Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро” односно т.н. Езерска полиција, при Регионалниот центар за гранични работи Запад, каде што оствари средба со раководството на оваа организациона единица при МВР, а на која беше брифиран за преземените мерки и активности во врска со оперативниот план „Безбедно лето 2023” во периодот од почетокот на јули до средината на септември.
„Раководството на Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро ме информираше за преземените мерки во текот на летната сезона од страна на полициските службеници, при што биле извршени прегледи на 51 лице, на 18 пловни објекти, на 22 моторни возила, а исто така преземени се и 9 заеднички патроли со инспектор за внатрешна пловидба. Воедно, изразив посебно задоволство од спасувачките акции кои ги реализираше оваа организациона единица, постапувајќи по 7 пријави пристигнати во СВР Охрид, при што во три различни настани биле спасени 10 лица и извлечени од водите на Охридското Езеро, кои поради лоши временски услови имале проблеми со пловните објекти, а на едно лице му била укажана прва помош. Во рамки на овие активности успешно биле пронајдени и еден глисер без екипаж, како потоната педалинка, секако без екипаж”, истакна министерот Спасовски.
Спасовски истакна дека планот „Безбедно лето“ носи високи резултати и ја постигнува својата цел – да се подигне свесноста кај граѓаните, да се превенираат ризиците кои ги носи летната сезона, во интерес на нивната лична безбедност и безбедноста на границата.
Во делот на преземените превентивни мерки, реализирани се десетина тематски активности со фокус на високите температури, заштита од сончаница и топлотен удар, самостојно, но и заедно со волонтери од Црвениот крст во Охрид. Притоа, остварена е непосредна комуникација со граѓаните кои пловат со пловни објекти по езерото, со цел потсетување за тоа како треба да се однесува при топло време и подолга изложеност на сончевите зраци, на кои им беше поделен и едукативен материјал со практични совети на летни теми.
Спасовски потсети на модернизацијата на пловниот парк и зајакнувањето на капацитетите на Езерската полиција, која после цели 20 години беше реализирана во 2020 година, со набавка на нови 5 пловни објекти, два од Буџетот на МВР, а три како донација од Чешката Република. Пловните објекти се опремени со професионални уреди за навигација, радар и затворена кабина за екипажот, а патролниот чамец е погоден за брзи интервенции во разни инцидентни ситуации и контроли на водениот сообраќај, особено во летниот период во сите три езера.
„На овој начин постигнавме зголемена ефикасност на припадниците на граничната полиција во секакви временски услови, како во делот на граничниот надзор и спречување на секаков вид прекуграничен криминал во езерата, така и во услови кога е потребно да се даде помош и спасување во водите на езерата од најразлични причини”, истакна тој.
На крајот од средбата министерот Спасовски додели плакета на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро” и благодарници на полициските службеници Седат Јашар, Ристо Буклиоски, Веџи Асани, Христијан Грозданоски и Ѓорѓи Целески, за преземање навремени мерки и активности при успешно реализираните спасувачки операции во рамки на „Безбедно лето 2023”.