Собранието на 117-тата седница разгледа неколку закони и барања за автентично толкување за кои дополнително ќе се гласа

sobranie
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Собранието во рамките на денешниот дел од работата по дневниот ред на 117-тата седница без расправа го разгледа Предлог-законот за ратификација на Договорот за правната положба на Организацијата на Северноатлантскиот договор, националните претставници и меѓународниот персонал, гласањето ќе биде дополнително одредено.

Собранието денеска го заврши и разгледувањето на Дополнетиот предлог-закон за вештачење, во второ читање. И за него дополнително ќе се гласа


Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор посочи дека и за ова законско решение е злоупотребено европското знаменце зашто станува збор за обемен закон со 70 точки од кои се усогласуваат четири кои немаат никаква врска со европските директиви и регулативи.

-Ова е суштински закон за кој требаше да има поголема дебата. Со носењето на мала врата ќе се руши квалитетот на вештачењето што е многу значајно за судска постапка и покажува дали ќе се води во вистински правец, рече Аџиоски.

Дајанчо Ефтимов од истата партија истакна дека Законот за вештачење е основа и е суштински закон од кој зависат и другите.

-Со ваквото законско решение вештачењата ќе се даваат од ракав. Со законското решение му се даваат дополнителни дискрециони права на министерот за формирање на комисија со која му се овозможува да влијае кој ќе добие лиценца за судски вештак. Покрај тоа, лиценца ќе може да се добие и без полагање на испит дури и без 60 часа обука како што беше порано, посочи Ефтимов.

Лиценца, како што кажа, ќе може да добие и лице кое нема високо стручно образование. Комората на вештаци ќе може да одлучи дали тоа може да полага испит за вештаци.

-Ова законско решение ќе продуцира дополнителни проблеми во системот, рече Ефтимов и побара да се допрецизира законското решение за да не се појавуваат проблеми.

Неговиот сопартиец Здравко Трајанов рече дека ова ќе биде лошо законско решение зашто има промашена концепција и ќе продуцира многу нејасни состојби, ќе има преголемо мешање на министерот за правда и преголеми ингеренции на Комората на вештаци.

-Вештачењето во досегашната пракса ни ставаше најголеми проблеми во судските процеси. Наместо да ги искристализираме работите ние ништо не подобруваме во моменталната состојба, туку напротив дополнително ја партизираме постапката. Ова законско решение ќе створи само раздор во фелата, истакна Трајанов.

Било кој партизиран, како што кажа, ќе може да добие лиценца за вештак и да напише било што во вештиот наод.

Во рамките на денешната седница беше разгледан и Дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за финансиските друштва, во второ читање. Гласањето ќе биде дополнително.

И за ова законско решение Здравко Трајанов рече дека генерално нема да биде подобро и додаде дека многу работи остануваат нејасни зашто ова решение се носи парцијално кога граѓаните бараат брзо да биде донесено.

-Во оваа проблематика треба да биде вклучена Народната банка (НБ) која има инструменти и кадри да ги контролира финансиските друштва. Без НБ не можеме да ставиме ред во оваа сфера. Со клучните измени на законот големите риби ќе ги изедат малите, а тие што ќе останат ќе можат да даваат поголеми кредити и ќе бидат сериозна конкуренција на банките. Во  оваа прикаска се вклучени големи играчи и во позадина има игра. Од промените нема да имаат корист граѓаните, бидејќи во суштина се прават само козметички измени, рече Трајанов и додаде дека не се проблем само каматите, туку и трошоците за подигање на кредитот, казнените одредби, дополнителните трошоци и делот на лихварството и меѓусебните односи на кој начин се потпишуваат договорите.

Во реплика заменик-министерот за финанси Филип Николоски посочи дека законското решение е зајакнато во однос на постојниот закон.

-Се зголемува основачкиот влог за секое друштво за пет пати и ќе биде 500 илјади евра, се регулира и се зајакнува делот кој може да биде управител и основач и сопственик  на вакво финансиско друштво, рече Николоски.

Покрај тоа, додаде, на сличен начин како кај банките ќе се воспостави систем за управување со кредитниот ризик, промена на сопственичката структура и промена на основната главнина на финансиските друштва ќе може да се врши само со посебна дозвола од Министерството за финансии, а Министерството ќе дава и согласност кој може да биде управител.

-Надвор од стапката на вкупни трошоци се ограничуваат трошоците до максимум 60 проценти од износот на кредитот, а не како досега за 1.000 евра кредит да се враќаат шест или седум пати повеќе средства, потенцира Николоски.

Пратениците во рамките на дневниот ред на денешната седница без расправа разгледаа и пет барања за автентично толкување на законски решенија за кои треба дополнително да се гласа.

Разгледани беа Барањето за давање на автентично толкување на членот 25 став 1 точка 10 од Законот за даноците на имот, поднесено од пратеникот Арбен Зибери, Барањето за давање на автентично толкување на член 17-в и член 29-б од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во републиката, поднесено од градоначалникот на Општина Врапчиште, Барањето за давање на автентично толкување на член 25-а од Законот за превоз во патниот, поднесено од пратеникот Емилија Рамбабова, Барањето за давање на автентично толкување на член 40 став (2) од Законот за процена, поднесено од пратеникот Боби Мојсоски, и Барањето за давање на автентично толкување на член 98 став 5 алинеа 3 од Закон за административни службеници, поднесено од градоначалникот на Општина Битола.

По нивното разгледување потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина денешната седница и најави дека за нејзиното продолжение пратениците дополнително ќе бидат информирани.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK