Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, продолжува со организација на отворени средби со граѓаните, невладиниот сектор и институциите. Следниот ваков настан ќе се одржи во среда, 20 септмеври 2023 година, во салата на Советот на Општина Кавадарци.
На оваа отворена средба, сите заинтересирани граѓани, активистите од граѓанските организации кои делуваат во областа на човековите права, како и на институциите на локално ниво, ќе имаат можност, преку директна комуникација со претставници на КСЗД, да се запознаат со надлежностите и начинот на работа на ова независно институционално тело кое работи на промоција на еднаквоста, унапредување на човековите права и спречување и заштита од секаков вид дискриминација.
„За поефикасна борба против сите форми на дискриминација потребно е тие точно и навремено да се препознаат и да се најде најдобриот начин како тие да се превенираат и спречат. Токму ваквите отворени средби се покажаа како ефикасен начин за остварување на ваквата цел, затоа што тие ни овозможуваат, преку директна комуникација со граѓаните, организациите и локалните институции и со разгледување конкретни примери од практиката, да се запознаеме со нивните мислења и предизвиците со кои тие се соочуваат, но истовремено и да ги објасниме надлежностите и начинот на работа и постапување на Комисијата“, изјави членот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Ирфан Деари, истовремено повикувајќи ги сите заинтересирани граѓани и граѓански активисти да присуствуваат на отворената средба во Кавадарци.
Ваквите настани претставуваат и дополнителна можност за продлабочување на соработката меѓу Комисијата и претставниците од граѓанскиот сектор и институциите, со цел подигнување на јавната свест, поголема мобилизација во целото општество и заедничко делување во борбата против дискриминацијата.
Скопје, 18.09.2023