На закажаната седница на Советот на општина Карпош, покрај другото, точка на дневен ред беше и Деталниот урбанистички план за ЈО3 Блок 2 во населба Козле.
За жал, ВМРО-ДПМНЕ претстави лажна слика за ДУП-от кај граѓаните и ги организираше да дојдат на седницата со цел да вршат притисок.
Во урбанистичкиот план нема ништо спорно, напротив, има подобрување и целта на изработка на овој план е имплементација на новиот генерален план каде јужниот булевар се смалува за 18 метри.
За да не дојде до поголеми инциденти градоначалникот Јакимовски ги повлече сите точки од дневен ред и ги повика сите граѓани кои се заинтересирани да направат список во групи од по 25 луѓе (бидејќи салата за состаноци во Општината има толкав капацитет) и следниот ден, на 6 јули 2023 година да дојдат на средба во Општината каде ќе ги чекаат општинските службеници заедно со планерот и градоначалникот.
Беа предвидени термини во интервали од по 2 часа почнувајќи од 11 часот и тоа во 11 часот, во 13 часот, 15 часот, 17 часот, 19 часот и 21 часот, со напомена, ако има интерес и во наредниот ден, Општината ќе стои на располагање да ги удостои граѓаните, за да се даде одговор на сите прашања, да ги видат со свои очи и претходните планови, како и регулацискиот и генералниот план кои ги носи Град Скопје, не прејудицирајќи дека се изманипулирани или дека Општината има било каква грешка.
Општинските служби заедно со градоначалникот и со урбанистичките планери ги чекаа граѓаните во 11, во 13, во 15, и 17 часот. За жал само на првиот термин во 11 часот присутни беа двајца граѓани, на кои им беше до детали објаснето се, за што тие беа заинтересирани.
Ова јасно покажува дека кога ВМРО-ДПМНЕ нема аргументи на помош го вика членството и изманипулирани граѓани со цел да направи хистерија затоа што така мисли дека полесно ќе дојде до својата цел. Без хистерија во мирна атмосфера јасно им е на ВМРО-ДПМНЕ дека граѓаните ќе ја видат нивната лага, безобразлукот и неодговорноста на нивното раководство и ќе видат дека во урбанистичките планови нема нови згради, дека јужниот булевар го одредил градот Скопје дека тој постоел и со претходните два урбанистички плана каде што на граѓаните им доаѓа скоро до влезовите.
Граѓаните ќе можеа да се уверат дека не се уриваат столпчињата на улицата Јуриј Гагарин, дека гаражите секаде во државата и во сите урбанистички планови согласно Закон се означуваат со „Х“ како место за паркирање затоа што така е според Закон, а не затоа што така сака општината.
Јасно им е дека во вода паѓаат нивните лаги дека наводно ќе се уривала фонтаната, шеталиштето, дрворедите, детското игралиште, урбаната опрема и се друго. На виделина ќе излезеше визионерството и добрата намера на градоначачникот Јакимовски кој во 2016 година го направи овој плоштад со цел граѓаните да се дружат и да уживаат особено во
вечерните часови имајќи во предвид дека истиот јужен булевар е предвиден уште во далечната 1964 година и не се знае кога тој ќе биде реализиран.
Значи, постоечката фонтана, шеталиште, дровреди и урбана опрема како и сите паркови и објекти долж булеварот Теодосиј Гологанов се изградени на планираната траса на јужниот булевар. Тоа е вистината и ништо повеќе. Од нејзе нема бегање.
Жално е што водечката опозициска партија наместо да трага по вистината таа е креатор на лаги и манипулации, а во отсуство на визионерство создава непотребни проблеми во општината Карпош како што го создава и во државата, а на штета на граѓаните. Затоа што на граѓаните им треба искрено водство, а не манипуланти и лажговци.
Одделение за односи со јавноста
Општина Карпош