Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, кое е едно од најголемите училишта во Македонија, доби целосно ново ЛЕД осветлување, извести општината Аеродром.
„Станува збор за инвестиција во вредност од околу 50.000 евра, реализирана од Општина Аеродром со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Проектот беше спроведен низ транспарентен процес и повеќе форумски сесии, во кои граѓаните даваа свои предлози, а потоа како приоритетен го избраа проектот за енергетски-ефикасно осветлување во ова основно училиште“, велат од општината.
„Проектот опфаќа реконструкција и обнова на електротехничката инсталација, при што застареното флуоресцентно осветлување се заменува со ново и модерно ЛЕД осветлување. Со оваа промена и поставување на енергетски ефикасно осветлување, ќе се намалат трошоците за електрична енергија, се отстрануваат сите опасности како УВ зрачењето и се поставува осветлување кое не содржи токсични материи“, се додава во соопштението на општина Аеродром.