На барање на Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош, тимот професори од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, изработи Студија за урбаната дендрофлора во рамки на оваа локална самоуправа. Истражувањето кое го спроведоа професорите Бојан Симовски, Иван Минчев и асистентот Владимир Стојановски е изведено како нераскинлив дел од зеленилото во општина Карпош кое е застапено по градски четврти, а истото е во согласност со ГУП-от на Град Скопје за периодот 2012 – 2022 година. Ваквиот начин на анализа овозможува реални показатели за квалитетот на живот на карпошани, од аспект на застапеното урбано зеленило кое се наоѓа во нивното непосредно животно опкружување, велат од Општина Карпош.
Според официјалните податоци од Зелениот катастар на градот Скопје, од вкупно евидентираните дрвја во главниот град, 27,8% (22.362 дрвја) се наоѓаат на територија на Карпош, додека пак бројот на грмушки на територија на општината изнесува 7.942 примероци или 17,5% од вкупниот број грмушки на градско ниво. Во анализата на урбаната дендрофлора на локално ниво, се наведува дека зелените површини во општина Карпош не се само естетски додатоци на урбаниот пејзаж, туку тие претставуваат клучни компоненти на локалниот екосистем. Со изработката на оваа студија Општина Карпош добива релевантни податоци и показатели, во која насока треба да ја гради долгорочната стратегија за развој на екологијата и одржувањето на здравата животна средина.