Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски реагираше по прес-конференцијата на опозицијата, во однос на прскањето против комарците.
„Само пред неколку дена видовме што значи неодговорно пласирање информации кога се создаде непотребен страв околу безбедноста на водата во Скопје. Денес повторно гледаме обид една сериозна здравствена тема да се претвори во дневнополитичка пресметка.
Да бидеме јасни, западно-нилската треска не е нов вирус и не е проблем кој постои само во Скопје или Македонија. Според извештајот на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, локално стекнати случаи се регистрирани во повеќе европски земји.
Во нашето непосредно соседство случаи има во Грција и Србија, како и во Косово. Светската здравствена организација јасно посочува дека западно-нилскиот вирус одамна циркулира во Европа. Затоа, на граѓаните им должиме информации и превенција, а не политичка хистерија“, вели градоначалникот.
„А кога веќе СДС отвора тема за тоа кој, кога и колку прскал против комарци, добро е да ја освежиме меморијата со датумите. Во 2018 година, кога со Град Скопје раководеше тогашната власт на СДС, првата терестрична дезинсекција против комарци започнала дури на 3 јули и траела до 7 јули, додека првото авионско прскање било организирано на 7 и 8 јули. Практично, првите сериозни активности започнале длабоко во летната сезона. Во 2026 година, пак, активностите започнаа уште на 7 мај.
Сите активности се спроведуваат согласно годишната програма, законските обврски и елаборатот на Центарот за јавно здравје – Скопје, како и препораките од Министерството за здравство и европската регулатива. Тоа се фактите. Јавното здравје не се штити со прес-конференции. Не се штити со создавање страв. Не се штити со политички сензации. Се штити со системска работа, континуирана превенција, стручни препораки и навремени активности на терен.
Затоа, наместо натпревар во тоа кој ќе произведе поголема паника, очекувам од сите политички субјекти минимум одговорност кога зборуваат за здравјето на луѓето. И навистина ме зачудува недостатокот на образ кај луѓе кои под неразјаснети околности се нашле во политиката.
Град Скопје ќе продолжи со третманите согласно стручните препораки и утврдената динамика, а јавноста ќе биде навремено информирана за секоја наредна активност. А СДС, најверојатно ќе продолжи од секоја трагедија да се обидува да собере ситни поени бидејќи на друг начин не можат да бидат актуелни.
Здравјето на скопјани е премногу сериозна работа за да биде средство за дневнополитички поени. А за Филипче воопшто да не се грижите, јахтата на Заев најверојатно е побрза од комарците и тој е безбеден“, се додава во реакцијата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.