Советникот од редовите на ЛДП Никола Пановски продолжува со срамното однесување на социјалните мрежи, ставајќи се во улога на Фејсбук инфлуенсер, наместо да си го заработи чесно паушалот од 500 евра за една седница месечно и да се бави со она за кое што е избран во Советот на Град Скопје, реагираат од оваа институција.
Според Град Скопје, однесувањето на Пановски не доликува на советник, а уште помалку доликува на професор, доктор и човек кој треба да образува нови генерации.
„Во изминативе две години Пановски во Советот на Градот е безгласна буква, советник кој нема предложено ниту еден амандман, а камоли некакво решение во интерес на скопјани, во интерес на оние кои го гласале.
Единствено нешто кое го интересира Пановски е паушалот од 500 евра за кој за жал не работи ништо имајќи ја во предвид неговата неактивност како советник.
Што се однесува до клупите кои се исчезнати од кејот на Вардар, трагично е што Пановски коментира без соодветно да се информира за случајот кој е пријавен во полицијата и одговорот советникот треба да го бара токму од МВ“, се истакнува во реакцијата од Град Скопје.
Очигледно, како што додаваат, советникот Пановски нема храброст да го контактира неговиот помошник министер во МВР кој доаѓа токму од неговата партија ЛДП и да го запраша до каде е истрагата за случајот или ќе продолжи и натаму да соли памет на социјалните мрежи.
„Доколку не побара одговорност од својот партиски кадар на ЛДП тој ќе ги потврди сомнежите појавени кои покренуваат прашање дали тој самиот е инволвиран во случајот за кражбата на клупи, имајќи во предвид колку е запознаен во детали за начинот на кој е оштетен имотот на граѓаните и на кој се исчезнати клупите од градскиот парк“, се потенцира во дописот од Град Скопје.
Никола Пановски, на својот фејсбук профил објави дека на кејот на реката Вардар, исчезнале дури 29 клупи, а за тоа нема одговор од надлежните.
„Исчезнатите 29 нови клупи на кејот на Вардар во Градскиот Парк, голема мистерија“, напиша покрај другото Пановски.