Синдикатот на Филхармонија не се согласува со изјавата на министерката за култура дадена во интервјуто за порталот „Рацин.мк“ дека „проблемот cо кавгата меѓу џез оркестарот и Филхармонија беше само технички и просторен“. Со нејзината последна изјава повторно неуспешно се обидува да ги минимизира нештата, како што тоа впрочем постојано го прави откако Министерството за култура ја донесе заткулисната одлука за сместување на новата институција во објектот на Филхармонија, без, притоа никој од управата на институцијата да биде известен за тоа. Да потсетиме уште еднаш дека вработените, управниот одбор и директорката дознаа од фејсбук и од медиумите дека новоформираната институција ќе биде просторно сместена во нашиот објект.
Се согласуваме со министерката за култура дека причина за настанатиот проблем е пред се недостатокот на соработка, но не од наша страна, туку од страна на Министерството за култура кое донесе одлука без знаење на вработените во Филхармонија.
Исто така се согласуваме со министерката за култура дека исклучивоста и еднонасочната комуникација наместо водење дијалог и барање решенија се главна причина за создавање на проблемот, кој не го предизвикавме ние, туку Министерството за култура, бидејќи не ја вклучи Филхармонија во процесот на носење на одлуката, туку тоа го стори зад затворени врати, без дијалог, еднонасочно и без дебата.
Културата, почитувана министерке, не се гради со барање за солидарност туку со макотрпна работа и посветеност. Ниту пак институција се гради со барање на сожалување. Создавањето на успешна институција е упорна и неуморна борба за професионализам, за зачувување на дигнитетот и интегритетот на установата, континуирано справување со опструкции, решавање на милион предизвици.
Го повикуваме Министерството за култура да одговори на следниве прашања:
Врз основа на која анализа е направен елаборатот и е констатирано дека постојат „одлични услови за работа на Џез оркестарот во објектот на Филхармонија“?
Кој го направил елаборатот и како е направен без знаење на директорката на Филхаромонија?
Како може да се наведе дека постојат услови за работа на две институции, кога реално не постојат?
Дали некој од Министерството за култура го видел просторот за работа на музичарите и администрацијата, пред да биде напишан елаборатот или само паушално се констатирало дека Филхармонија е одлично место за работа на втора институција?
Ако не му е понудено просторно сместување на Џез оркестарот во Филхармонија, туку станува збор само за “привремена“ адреса до конечното формирање ( адресата, да потсетиме со дополнителна одлука отпосле беше формулирана како „привремена“, значи на почетокот немаше ниту назнака за „привремено“ сместување) зошто, тогаш, Министерството за култура не излезе со соопштение во кое ќе ги замоли одговорните од ЗЏМ да не шират дезинформации во јавноста дека ќе бидат сместени во нашиот објект?
Зошто досега, Министерството за култура не испрати ниту едно соопштение во јавноста со кое ќе ги осуди клеветите и лагите за Филхармонија кои ЗЏМ и ги презентира на јавноста? Зошто ги штити нив, а нас не клевети и обвинува за лаги? Зошто Министерството за култура упорно оди против најстарата културна институција во земјата која следната година слави 80 годишен јубилеј?
Наместо кон тоа да ја насочиме целата наша креативност, да разговараме и да се подготвуваме за јубилејот, ние ја трошиме нашата енергија во објаснувања со Министерството за култура за прашања кои воопшто не би требало да бидат предмет на расправа.
Македонска филхрамонија при СКРМ