Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во пресрет на одржувањето на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи – Садриу.
На средбата беше оценето дека двете држави имаат одличен политички дијалог и беше изразен интерес за натамошно продлабочување на севкупната билатерална соработка и јакнење на добрососедските односи.
Претседателката Сиљановска Давкова посочи дека во интерес на натамошна стабилизација и економски просперитет на регионот е неопходно да вложуваме во регионалната соработка, да се обезбеди непречно одвивање на евроинтеграциските процеси на земјите од регионот, како и доследно спроведување на реформската агенда.
Во таа насока, двете претседателки разменија мислења за европската перспектива на регионот, како и за политичките и безбедносните предизвици на регионален и мултилатерален план.
Посочувајќи дека двете држави се значајни трговски партнери, на средбата беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на економската соработка и инфраструктурното поврзување.