Сиљановска-Давкова од „Криволак“: Кога светот е растргнат меѓу војните и надежта, нашата армија демонстрира интероперабилност и подготвеност


16.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во рамки на вежбата „Immediate Response 25“ (IR 25) на армискиот полигон (АП) „Криволак“, денеска беше реализиран Денот за високи гости.


На настанот присуствуваа: претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Владата, Христијан Мицковски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, началникот на штаб на Командата на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал-мајор Левон Камптон, командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, министри во владата, пратеници од Собранието, амбасадорите на САД, Албанија, Косово, Обединетото Кралство и Црна Гора, генерали од Армијата, високи гости од земјите учеснички на вежбата „IR 25“, воено- дипломатскиот кор, претставници од локалната самоуправа и други гости.

Во своето обраќање претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна: „Во време на глобални безбедносни закани, кога светот е растргнат меѓу војните и надежта, нашата армија демонстрира интероперабилност, професионалност и подготвеност да дејствува рамо до рамо со сојузниците, во одбрана на слободата, достоинството и човековите права“. Претседателката додаде дека денеска уште еднаш ја потврдивме нашата определба, да бидеме на страната на мирот, но и да сме подготвени, ако и кога е потребно, да го браниме со сите сили.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски порача дека вежбата претставува „јасна демонстрација на посветеноста на македонската Армија кон националната и регионалната безбедност, како и стабилноста на Алијансата“ и дека на овој начин ги унапредуваме способностите за одвраќање и одбрана на НАТО. Министерот ја потенцираше и важноста и стратешката позиција на нашиот полигон за обука „Криволак“, кој е „уникатен капацитет за извежбување со можност за реализација на вежби од големи размери“.

„Вежбата IR 25 е повеќе од демонстрација на борбена готовност и способност, таа е доказ на силата и посветеноста на Алијансата. Неуморната работа на учесниците на вежбата нема за цел само да се подобрат капацитетите и способностите на сопствените единици, туку и да се изгради доверба, интероперабилност и меѓусебно почитување“, истакна генералот Сашко Лафчиски.

Вежбата „Immediate Response 25“ е втората фаза од најголемата вежба на американската армија во Европа, вежбата за „Динамично ангажирање на силите во Европа за одвраќање и зголемена подготвеност на НАТО“ (DEFENDER 25). Покрај седум други европски земји, Република Северна Македонија е една од земјите домаќини, каде што во активностите кај нас се вклучени повеќе од 2200 армиски припадници од седум НАТО земји членки и две земји партнери на Алијансата.

Целите на оваа вежба се повеќекратни, а меѓу најзначајните се: синхронизација на комбинираните вооружени сили и потврда на тактиките, техниките и процедурите за изведување на координирани конвенционални и здружени операции во различни временски услови, како и подобрување на интероперабилноста на декларираните состави преку извежбување со земјите партнери. Дополнително, цел на вежбата е и градење поголема подготвеност и оперативна синхронизираност меѓу армиите на НАТО и партнерските земји низ сложени и симултани операции во повеќе зони, е истакнато во официјалното соопштение.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK