Сиљановска-Давкова: Денес, повеќе од кога било, нашата обврска е да го чуваме, негуваме и унапредуваме македонскиот јазик.


1777469958_gordana-siljanovska-davkova.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателката Сиљановска-Давкова упати порака. по повод Денот на македонскиот стандарден јазик.


„Денеска, на 5 мај, Денот на македонскиот стандарден јазик, упатувам искрена честитка до сите Македонци, чиј мајчин јазик е, каде и да се, до сите негови говорители, проучувачи и љубители. Македонскиот јазик е темел на нашиот идентитет и самобитност, траен сведок на историскиот континуитет и носител на културното и духовното наследство на македонскиот народ. Тој е огледало на генерации Македонци низ вековите, преку него се изразува народниот дух, а со неговото опстојување се потврдува нашето постоење. Тој е прекрасниот инструмент за изразување љубов и идеи, создавање уметнички и научни творби, вредни дела и вечни вредности.

Од делото на светите браќа Кирил и Методиј, преку визионерската мисла на Крсте Петков Мисирков, до кодификацијата на македонскиот стандарден јазик во 1945 година, соочени со оспорувања и пропаганди, се остварија вековните македонски стремежи за своја држава и јазик. Овој процес беше научно зацврстен со исклучителниот придонес на Блаже Конески, а дополнително зацврстен со објавувањето на првата граматика на македонскиот јазик од Круме Кепески во 1946 година, чиј осумдесетгодишен јубилеј го одбележуваме годинава.

Македонскиот јазик не е само сведоштво за минатото, туку и суштински креатор на современиот општествен развој. Затоа, неговата правилна и достоинствена употреба, како и доследната примена на Законот за употреба на македонскиот јазик, претставуваат темел на функционалната демокрaтска држава.

Денес, повеќе од кога било, нашата обврска е јасна: да го чуваме, негуваме и унапредуваме македонскиот јазик.

Нека е вековита неговата мисија! Да го чуваме и браниме од негирања, оти без него не сме тие кои сме, ниту ќе останеме свои!

Честит 5 Мај!“, пишува во честитката.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK