Шведската амбасадорка во Белица: Овие краеви даваат можност да се привлечат туристите кои не бараат плажи и хотели со пет ѕвезди

Шведската-амбасадорка-во-Белица-Овие-краеви-даваат-можност-да-се.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Територијата на Македонија е преполна со скриени „скапоцени камења“, заклучија екоактивистите на завршниот настан на проектот „Зелена комуна Белица“. Жителите на ова кичевско село во изминатата година, ја обновија старата училишна зграда и одржаа низа работилници на тема енергетска самоодржливост, биодиверзитет и климатски промени. Шведската амбасадорка, Ами Ларсон Јаим, која беше дел од завршниот настан во Белица, се воодушеви од иницијативата за самоодржливост на руралните заедници.


„Богатството на овие краеви и на културата даваат многу можности за привлекување на посетители кои бараат различно искуство од масовниот туризам на плажите и на хотелите со пет ѕвездички. За жал населението на многу рурални заедници се намалува и тие се соочуваат со зголемена невработеност, и ограничена инфраструктура. Затоа ме усреќува фактот што можам да привлечам внимание кон иницијативи како оваа каде што локалното население се здружува со граѓанското општество за да вдахне нов живот во заедницата, создавајќи концепт кој ги спојува едукацијата, климатската отпорност и еко-туризмот“, изјави шведската амбасадорка  Ами Ларсон Јаим.

Извршната директорка на Македонското еколошко друштво (МЕД), Робертина Брајаноска, во поздравниот говор ја објасни идејата за зелена комуна во Белица.

„МЕД во соработка со Здружението за развој на Белица имаше за цел да почнеме да работиме на воспоставување на зелена комуна, едно етно село кое ќе биде самоодржливо, кое ќе ги користи на одржлив начин природните ресурси и ќе користи обновливи извори на енергија. Иницијатива која ќе поттикне развој на еко-туризам и ќе ги привлече луѓето да се враќаат на своите огништа и да овозможат отворање на можности за дополнителни приходи“, рече директорката Брајаноска.

На завршниот настан презентации имаа Светлана Пејовиќ, координатор на програма во Македонското еколошко друштво и Горазд Смилевски, кои објаснија кои се биолошките и социјалните посебности на ова село, и од кои причини е погодно за реализација на ваков проект.

„Зелена комуна Белица“ е дел од грантовата шема „Граѓанските организации во акција за климатските промени” предводена од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“, во соработка со Македонско здружение на млади правници и Организацијата за поврзување на природните вредности и луѓето CNVP, а финансиски поддржан од Владата на Шведска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK