Шукова за пожарот во Тетовско: Општината да провери дали складот работел согласно предвидените мерки, граѓаните да внимаваат следниве неколку дена

Шукова-за-пожарот-во-Тетовско-Општината-да-провери-дали-складот.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерка за животна средина, Каја Шукова во врска со пожарот во магацинот со бои и лакови во тетовското село Фалише, појасни дека во државата нема акредитирана метода која може да мери испарување на органски загадувачи.


„Тоа е склад со бои и лакови и тоа се органски материи. Автоматскиот мониторинг на државата мери неоргански испарливи материи. Во случајов во државата нема акредитирана метода со која се мери испарување на органски загадувачи. Ги консултиравме сите лаборатории, но не можат да излезат на терен бидејќи немаат акредитирана метода, но излегоа на терен Центарот за управување со кризи, Институтот за јавно здравје и Државниот инспекторат за животна средина“, истакна Шукова.

Она што се чека, како што најави Шукова, се анализите од Институтот за јавно здравје за водите и за почвите.

„Ваквите компании не потпаѓаат на системот на интегрирани дозволи, ниту на А ниту на Б ниво, но врз основа на доставен елаборат за којшто општината треба да даде дозвола . Сега треба општината да провери дали овој склад работел со предвидени мерки особено противпожарни мерки и дали има елаборат за заштита на животната средина. Ние не сме истражен орган ние тоа секако нема да го проверуваме но мислам дека општината треба да провери“ потенцира Шукова.

Нагласи дека како надлежни власти постојано укажуваат дека кога се отвораат било какви магацини или помали објекти каде што се работи со вакви материи мора да се почитува законската регулатива во делот на животната средина.

„Во однос на ова што се случи вчера, евидентно е дека ќе има загадување на воздухот кое за жал не можеме да го измериме. И уште вчера дадовме препорака граѓаните да не излегуваат без потреба, вратите и прозорите на домовите да бидат затворени. Препораката до граѓаните е да внимаваат овие неколку дена“, апелира Шукова.

Подвлече дека доколку во тој крај има земјоделски култури, истите не треба да бидат во употреба.

Како што истакна, евидентно е дека ќе има загадување на воздухот кое, како што рече, за жал, не може да се измери бидејќи е од органски испарливи материи. Додаде ќе има загадување и на почвите и водите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK