Во близина на ветропаркот Богословец, Свети Николе, со симболично засадување дрвни садници во едно од најаридните подрачја на државата, се најави подготовката на Законот за заштита на почвата во Северна Македонија и големата акција за пошумување на значителни површини на екстремни и голи терени во државата.
Активностите се спроведуваат во рамките на ГЕФ/УНЕП проектот „Промовирање на одржливо управување со земјиштето, преку зајакнување на правната и институционалната рамка, градење на капацитети и обновување на најранливите планински предели подобрувајќи го управувањето со заштитените подрачја“ кој има за цел да ги адресира празнините не само во националната политика, законодавна и институционална рамка, туку и да направи практични теренски напори за запирање и спречување на деградацијата на земјиштето и уништувањето на шумите на ефективен, социјално прифатлив и одржлив начин во рамките на избрани пилот локации. Тоа ќе придонесе за воведување, тестирање и демонстрирање на нови методи и пристапи за борба против проблемите со деградацијата на земјиштето и уништувањето на шумите во нашата држава.
„ Свети Николе и оваа подрачје не случајно се избрани за денешната акција. Подрачјето на Свети Николе е едно од најаридните подрачја во Република Северна Македонија. Се одликува со оскудна природна вегетација, големи температурни екстреми, мали количини на врнежи и силни воздушни струења (ветрови)“ истакна министерката за животна средина Каја Шукова потенцирајќи дека еден од најдобрите и најодржливи начини за заштита на почвата, борба со климатските промени и подобрувањето на животната средина е пошумувањето, т.е подигнување на нови шуми на поголеми површини.
Но, како што рече таа, ни претстои многу работа бидејќи мораме областа правно да ја регулираме, бидејќи таа е единствен медиум на животната средина што не е правно регулиран и од таа причина започнавме со изработка на Закон за заштита на почвите.
„Овој закон ќе утврди не само насоки за одржливи практики за управување со почвата, туку и ќе ни овозможи да се справиме со деградацијата, ерозијата и загадувањето. Со поставување на јасни стандарди и регулативи, целиме да промовираме одговорно управување со почвата со што ќе обезбедиме здрав ресурс за производство на храна преку регулирањето на климатските услови и поддршката на одржливи прехранбени системи“ додаде Шукова.
„ЈП „Национални шуми“ континуирано ги спроведува активностите за пошумување низ целата територија на државата согласно Програмите и плановите. На годишно ниво се пошумува површина од приближно 500 хектари. Активно се вклучуваме во компонентата за пошумување на овој проект. Со тоа се интензивираат нашите активности и се засилуваат напорите за спречување на опустинувањето и деградацијата на почвите и земјиштето и се спречува ерозијата“ истакна Маре Басова помошник директор во Национални шуми.
Реализацијата на проектот е поддржан од Глобалниот еколошки фонд (GEF), Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP) и Министерството за животна средина и просторно планирање како краен корисник и многубројни партнери меѓу кои и Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – ИПЕК.