Инспекциските служби на Општина Центар во текот на изминатата недела посетиле 10 активни градилишта, при што се утврдени сериозни пропусти во почитувањето на законските обврски, информираат од општината.
За време на теренските контроли извршени во доцните попладневни часови констатирани се нарушувања на комуналниот ред и непочитување на Законот за јавна чистота, пришто изречени се 6 казни во висина од по 1.300 евра.
Фото: Градилиште во Скопје (Општина Центар)
Дополнително, на три локации се отстранети блокатори и столбчиња кои биле бесправно поставени на јавни површини.
„Инспекциските служби се на терен. Покрај редовните надзори, спроведуваме вонредни контроли со цел заштита на животната средина, спречување на загадувањето, одржување на јавната чистота и безбедни тротоари и улици. Нема да толерираме нарушување на јавниот простор“, порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Општина Центар апелира до сите инвеститори и градежни компании да ги почитуваат законските обврски и да преземат мерки за заштита на околината, особено при изведување градежни работи во зони со индивидуално домување.