Западен Балкан треба да се интегрира во ЕУ бидејќи тоа е најдобриот начин да се стабилизира ситуацијата во тој дел од европскиот континент, најавија шефовите на дипломатиите на Хрватска, Австрија и Словенија.
Во заедничката колумна објавена, министрите Гордан Грлиќ Радман, Александар Шаленберг и Тања Фајон истакнаа дека руската агресија врз Украина ја направи ЕУ уште поатрактивна за земјите од Источното партнерство – Украина, Молдавија и Грузија додека во исто време земјите од Западен Балкан се соочуваат со невидени закани за стабилноста и зголемени надворешнополитички дилеми.
Затоа, министрите го поздравуваат новиот пристап кон проширувањето на ЕУ, кој, за разлика од претходните периоди, дава поголемо значење на геостратешката перспектива со помала бирократизација.
Тие додаваат дека минатогодишната одлука за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина била заснована на стратешки размислувања.
„Но, неопходно е да се истакне дека овој стратешки пристап не смее да значи намалување на стандардите за проширување на ЕУ. Целосното спроведување на реформите и понатаму останува клучно“, е мислењето на тројцата министри за надворешни работи. Воедно појаснија кои конкретни чекори треба да се преземат без одлагање.
Како прв чекор ја наведуваат потребата Европската унија да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина до крајот на оваа година.
Втората е дека Црна Гора мора да го продолжи својот реформски пат кон ЕУ, што зависи од формирањето на новата влада во земјата, а третата е напредокот што треба да се постигне во преговорите со Албанија и Северна Македонија.
„Во Северна Македонија, следните чекори зависат од способноста на земјата да ги донесе потребните уставни измени. Последниот случај е потсетник дека земјите -членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан треба да играат одговорна улога и да се воздржат од вметнување билатерални проблеми и спорови кои не се поврзани со процесот на пристапување“, се наведува во заедничката колумна.
Сите членки на ЕУ повикаа на „покреативни“ и „динамични“ односи со земјите кои пристапуваат врз основа на фер и ригорозни услови, но и на некаква интеграција веќе сега, на пример преку учество на министри од регионот во работата на Советот за надворешни работи на ЕУ.
„Проширувањето на ЕУ не е една од политичките опции. Тоа е денес – геостратешки императив“, заклучуваат Грлиќ Радман, Шаленберг и Фајон.