Шаќири: Со размена на искуства и заедничка акција, државата и регионот забрзано се интегрираат во глобалниот образовен простор
Република Северна Македонија е домаќин министерска конференција посветена на обезбедување квалитет во високото образование во земјите од Западен Балкан, која Министерството за образование и наука ја организира со поддршка на Секретаријатот на иницијативата за образовни реформи во Југоисточна Европа – ERI SEE.
Во следните два дена во Скопје, министрите за образование и наука на Северна Македонија, Србија и Црна Гора, заменик министерот за образование на Литванија, како и над 80 други претставници на институции, образовни и научни установи од регионот, а воедно и експерти од Европската унија, ќе дискутираат за предизвиците на високото образование во регионот и акцијата која треба да се преземе за подигнување на неговата конкурентност во пошироки рамки.
Посакувајќи им добредојде на гостите од другите држави, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ја отвори конференцијата и изрази очекувања дека ќе бидат разменети позитивни искуства и ќе се усвојат заклучоци кои ќе бидат патоказ за креирање на идните политики со кои ќе се подобри квалитетот на високото образование во секоја од земјите од регионот.
„Зборуваме за тема која е исклучително важна. Квалитетно високо образование ја зголемува шансата за квалитетно вработување, односно создава добро подготвени кадри кои лесно се вработуваат на добро платени позиции и одговараат соодветно на обврските. Од друга страна пак, високообразовниот систем треба да има функција на подобрување на квалитетот во основното и средното образование, така што ќе обезбеди добро подготвен наставен кадар, наставни програми и поврзување на трите нивоа на образование“, рече Шаќири.
Потенцираше дека Владата и Министерството за образование и наука посветуваат големо внимание на квалитетот на високото образование, особено во последните неколку години. Како што рече, иако можеби нашите високообразовни установи ги нема на ранг листите со топ 500 универзитети во светот, сепак политиките кои ги креираат со учество на сите засегнати страни, очекуваниот ефект ќе го дадат на среден, односно долг рок.
Шаќири рече дека на државата и е потребна поддршка не само од овдешните институции, академската и научна заедница, туку особено важни е искуствата на околните земји и на Европската унија. Нагласи дека и Северна Македонија има што да сподели на оваа конференција како позитивни практики, особено во делот на грижата кон студентите, поддршката на научните и високообразовните установи за обезбедување на нова лабораториска опрема, финансирањето на научни проекти од јавен интерес и дигитализацијата.