Основниот суд во Тетово вчера донесе одлука со која Зијадин Села се легитимира како претседател на партијата Алијансата за Албанците.
„Основен суд Тетово Ве известува дека донесено е Решение под РПП.бр.1/24 од 01.04.2024 година, со кое Барањето за запишување на промена на претседател на политичка партиіа Алијанса за Албанците со седиште во Тетово и Барањето за промена на статусот на партијата се уважува, во судскиот регистар на Политички Партии под РПП.бр.1/24 што се води пред Основен суд Тетово, се запишува промена на претседателот, во иднина за претседател на партијата се именува Зијадин Села од с.Ливада-Струга, наместо досегашниот претседател на партијата Арбен Таравари од Гостивар“, велат од Основен суд Тетово.
Села денес на прес-конференција, објави дека одлуката е многу важна бидејќи веќе е јасно кој е претставник на Алијансата за Албанците.
Коментирајќи ги изјавите на претставниците на Алијансата за Албанците од крилото на Арбен Таравари дека ќе ја обжалат одлуката на судот, Села нагласи дека секој има право да ја обжали одлуката.
„Негово право е да обжали одлука на суд. Такво право има секој делегат на конгресот и секој член на партијата и мислам дека тој не само сега, туку требаше да биде претпазлив да не го злоупотреби печатот на партијата и неговиот потпис уште кога имаше одлука на конгрес, а тоа право постои од правен аспект. Јас на никој не можам да му го скратам, а од друга страна за жал тој не го искористи правото неговите ставови да ги каже и на Централното претседателство, а и на конгресот каде што беше повикан и каде што му беше местото. Ама по се изгледа веќе и по изјавите што доаѓаат од нивна страна тој е виден дел од хајката против Алијансата за Албанците уште од јуни 2023 според изјава на неговиот коалиционен партнер Изет Меџити, кој го соопшти кога отвораа штаб во Струга, дека тој процес почна од јуни 2023 година и според негова изјава рече дека првата цел е постигната. Од формален правен аспект Алијанса за Албанците припаѓа на членството на партијата, а претседател на Алијанса за Албанците сум јас“,рече тој.
Претходно крилото на Села се приклучи во коалицја со ДУИ, за настап на претстојните праламнетрани избори.
Од крилото на Арбен Таравари денеска рекоа дека тројца судии се смениле пред донесување на оваа одлука.
Правниот застапник Абидин Абдули посочи дека одлуката на Судот не е конечна и дека во зададениот рок, кој изнесува 15 денови, ќе се поднесе жалба на изречената пресуда до Апелациониот суд во Гостивар, како и дека ќе ги разгледаат и сите можности за кривична и процедурална одговорност на претседателот на Судот и на судечкиот судија.