Сексуалните работници ќе го организираат 16. Марш на црвените чадори во Скопје

Сексуалните-работници-ќе-го-организираат-16-Марш-на-црвените-чадори.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Во пресрет на одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, сексуалните работници, здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, во рамки на овогодинешната кампања „5353 денови до правда”, ќе го одржат 16-тиот Марш на црвените чадори во Скопје.

Традиционалниот Марш на црвените чадори ќе се одржи на 15 декември со почеток во 12 часот, пред платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза на улица Македонија.

„Оваа година, по 16-ти пат гордо ќе маршираме на улиците истакнувајќи дека иако можеби е бавна, сепак правдата постои и на крајот може да биде задоволена. Со овогодинешната кампања „5353 денови до правда”, одбележуваме 15 години од сензационалистичката полициска акција „Сузбивање на улична проституција“ од страна на Министерството за внатрешни работи, во која беа приведени 23 сексуални работнички и на кои им беше повредено правото на приватност со јавно споделување на нивни фотографии на веб-страницата на МВР. Сексуалните работнички беа изложени на нехумано и деградирачко постапување од страна на полицијата, за време на целиот притвор, оставени без храна, вода и пристап до лекови.

Вкупно 13 сексуални работнички, со поддршка на ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, се охрабрија да поднесат тужба пред граѓанскиот суд во Скопје, кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелациониот суд ја преиначи пресудата, 4 од жртвите борбата ја продолжија пред Европскиот суд за човекови права. Конечно, во јули оваа година, 4 сексуални работнички добија заслужена победа пред Европскиот суд за човекови права.

Долгогодишната правна битка за правда на сексуалните работнички по полициската акција „Сузбивање на улична проституција“ во ноември 2008, најпосле заврши со пресуда на ЕСЧП во 2023 година, по жалбата поднесена во 2017 година и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови.

Согласно вака воспоставената пракса на Европскиот суд за човекови права, ги охрабруваме националните судови по примерот на Основниот граѓански суд во Скопје, секогаш да ги заштитуваат правата на маргинализираните и ранливите граѓани, како што се сексуалните работници, а особено кога правата се прекршени од страна на институциите кои треба да ги заштитат. Ги повикуваме надлежните институции во разумен рок да ја спроведат одлуката на Европскиот суд за човекови права и конечно правдата да стигне до овие ранливи жени“, порачаа организаторите на настанот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK