„Сејф сити“ во потрага по убиецот кај Смилковци: Се проверуваат снимките од обиколницата и телефонот на жртвата


policija-sirena-nasha-slika-potera-ubistvo-VI.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Истрагата за убиството на 38-годишниот маж кај Смилковци е насочена и кон снимките од камерите на системот „Сејф сити“, поставени на повеќе клучки долж скопската обиколница. Се проверува дали на нив може да се забележат сомнителни возила поврзани со убиството.


Според првичните информации, автомобилот „мерцедес“ на жртвата се упатил кон клучката каде што се случило убиството непосредно пред 5 часот наутро. Безживотното тело го забележал случаен минувач, кој околу 6:15 часот го пријавил случајот во скопската полиција.

При увидот било утврдено дека телефонот на жртвата се наоѓал во автомобилот, но мажот не успеал да стигне до него за да повика помош. Тој бил погоден со еден куршум во ногата, а обдукцијата потврдила дека проектилот повредил голема артерија, поради што настапило обилно крварење.

Покрај безбедносните камери, истражителите го вештачат и телефонот на убиениот, ја проверуваат неговата содржина и движењето преку базните станици. При увидот биле барани и чаурата и куршумот со кој бил застрелан жителот на скопското село Љубин.
Од полицијата информираат дека се спроведува интензивна истрага за утврдување на сите околности и откривање на сторителот.

Убиството се случило во непосредна близина на Смилковското Езеро, каде што пред 14 години беа убиени четири млади лица од Бутел и Радишани и еден рибар од Црешево, во случајот познат како „Смилковски масакр“.

Жители од околните населени места велат дека во вечерните часови често се собираат луѓе во околината на езерото и се сомневаат дека таму се случуваат противзаконски активности. Тие сметаат дека почести полициски патроли би придонеле за подобрување на безбедноста во овој дел.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK