Власта на Христијан Мицкоски повторно ги покажа своите приоритети – луксуз за функционерите, изговори за граѓаните, велат од СДСМ.
„Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, јавно кажа дека идејата за нов владин авион не е повлечена, парите се оставени. Се чека само купувањето. Тоа било за нив „сериозна држава“. За оваа криминална власт „сериозна“ држава не се мери со платите на работниците, со полни фрижидери, со функционално здравство, со безбедна вода. Се мери со нов авион за Мицкоски. „Третата економија во Европа“ на Мицкоски нема пари за минимална плата од 600 евра. За нов владин авион – има. Се може да почека само авионот не може. Граѓаните во Гостивар 5 недели да чекаат на вода. Анализите за водата во Гостивар да почекаат. Работниците со минимална плата да чекаат. Потрошувачката кошничка од 70.000 денари да почека. Дизелот од 100 денари да почека. Земјоделците со нјаниски откупни цени да почекаат. Само авионот не може да чека. Велат, авионот бил потребен за ЕУ, за инвеститори и за функционерите да не губеле време на редовни линии. За Гостивар имаа време. Додека илјадници граѓани се соочуваа со здравствената криза, Мицкоски имаше време за одмор и екскурзија. А сега нема време да патува со редовна линија и да седи во економска класа. Оваа власт ги намали странските инвестиции за над 60% за 2 години, да и беше за инвестиции ќе ги зголемеше. Сериозна држава е држава која прво обезбедува безбедна вода за своите граѓани. Сериозна држава обезбедува достоинствени плати, функционално здравство и институции што работат. Сериозна држава не слави додека илјадници граѓани завршуваат во болница. Но тоа не се приоритетите на Мицкоски и ВМРО-ОКГ. Нивниот редослед е јасен: Прво луксуз за нив, потоа изговори за граѓаните“, стои во соопштението на СДСМ.