Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, во Брисел се сретна со претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), Шејмус Боланд. Во фокусот на средбата беше улогата на граѓанското општество и социјалните партнери во процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ).
Сали истакна дека европските реформи треба да се поврзат со секојдневните потреби на граѓаните, вклучувајќи ги вработувањето, социјалната заштита, економските можности и квалитетот на јавните услуги. Учеството на работодавачите, синдикатите и граѓанските организации придонесува реформите да бидат потранспарентни, поинклузивни и одржливи.
Министерот ја поздрави иницијативата на ЕЕСК за вклучување претставници од земјите кандидати во неговата советодавна работа, оценувајќи ја како конкретен пример за постепена интеграција пред членството. Ова учество овозможува размена на искуства и придонес во дискусиите за европските политики.
Сали изрази интерес за редовни размени меѓу Министерството за европски прашања и Комитетот, како и за тематска соработка во областите на стручните вештини, вработувањето, конкурентноста и социјалната инклузија. Тој нагласи дека дијалогот со граѓаните и социјалните партнери е суштински за јакнење на довербата во процесот на европска интеграција.