Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС, во рамките на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, денеска го промовираа Речникот на медиумската писменост.
Ова лексикографско издание, како што беше истакнато на промоцијата, е прв сериозен обид за систематизирање на термините коишто се појавија во дигиталната ера и новите начини на комуникација, со развојот на медиумите и со појавата на нови алатки и активности во онлајн-сферата.
– Целта на креирањето на оваа онлајн публикација е да се пополни празнината со којашто со години наназад се соочуваат медиумските професионалци, јазичарите, комуниколозите, наставниците, но и сите корисници на медиумите. Затоа го создадовме овој речник којшто има две главни карактеристики: интердисциплинарност и обид да се држи чекор со развојот на новите технологии, рече Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии, којшто го координираше создавањето на публикацијата.
Михајло Лахтов, директорот на Проектот за УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ рече дека овој ресурс ќе служи како примарна јазична база за сите едукатори, наставници во основното, средното и високото образование, за новинарите, медиумите, учениците и студентите, родителите.
– Кога креирате наставна програма за ученици од основно и средно образование, кога обучувате наставници, кога правите обуки за новинари, за студенти и млади луѓе, повеќе од потребно е да изградите унифицирана база на термини и клучни поими кои ќе се употребуваат во најразлични сфери, како на пример што е новинар, што е медиум, што е дезинформација, што е пропаганда и друго, истакна тој.
Речникот е достапен во форма на онлајн публикација на македонски и на албански јазик, а за секој термин е дадена и неговата англиска варијанта. Кај поголемиот број термини дадена е и дополнителна информација за нив (историски факти, функционални информации, фреквенција на употреба, стилски карактеристики итн.), со цел корисникот да добие целосна претстава за самиот термин.
Емил Ниами, главниот редактор на Речникот објасни дека тој содржи толкување на повеќе од 700 поими како што се областите – медиумска писменост, комуникологијаа, новинарство, лингвистика, филозофија, антропологија, право, економија и други.
– Со оглед на тоа што станува збор за специфична интердисциплинарна материја, во неговото креирање учествуваа 15 докажани теоретичари и практичари од различни области и образовни институции. „Идејата е оваа публикација да се ажурира и да се збогатува со нови поими и во иднина. Денешната промоција е само почеток на еден сеопфатен и подолготраен процес, изјави Ниами.
Симона Груевска-Маџоска, редактор на Речникот и професор на Институтот за македонски јазик истакна дека оваа публикација е од огромно значење за домашната лексикографија.
– Се обидовме да го исцрпиме што повеќе посточекиот лексикографски корпус, но и да го осовремениме земајќи ги предвид околностите коишто ги диктираат современите комуникациски и лингвистички процеси, рече Груевска-Маџоска.
Сефер Тахири, посочи дека овој ресурс е навистина корисен за академската заедница, особено што толкувањата се адаптирани со примери на албански јазик.
Во групата автори учествуваше и средношколецот Лука Павиќевиќ, кој рече дека неговото учество е со цел овој Речник да ги содржи и поимите коишто го одразуваат современиот комуникациски код својствен на новата генерација „милениумци“.
Институтот за комуникациски студии го креира Речникот за медиумска писменост во рамките на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, којшто го спроведува ИРЕКС во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми и со Младинскиот образовен форум.