Во Македонија во периодот од 26 октомври до 1 ноември се пријавени 116 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 90,2 отсто во однос на претходната недела, кога биле регистрирани 61 случај, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во споредба со истиот период од минатата сезона, кога биле регистрирани 94 заболени лица, бројот на случаи е зголемен за 23,4 отсто.
Најмногу заболени во текот на изминатата недела се пријавени во Тетово – 48, Куманово – 26 и Скопје – 13. Во Прилеп и Гостивар се регистрирани по седум случаи, во Охрид и Неготино по три, во Струмица, Велес и Битола по два, а во Радовиш еден случај.
Според возрасните групи, најголем дел од заболените се на возраст од 15 до 64 години – 84 лица, додека 25 се постари од 65 години, а седум се деца на возраст од пет до 14 години.
Од почетокот на сезоната 2026/2027 вкупно се регистрирани 343 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е за 1,5 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата сезона. Најголем број заболени, вкупно 127, се регистрирани во Тетово.
Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ во последната извештајна недела биле тестирани 47 примероци, од кои четири биле позитивни на вирусот на грип, а еден на коронавирусот SARS-CoV-2.
Од Институтот посочуваат дека, и покрај зголемувањето на бројот на случаи, активноста на грипот сè уште е на меѓусезонско ниво и не е достигнат епидемиолошкиот праг за почеток на сезоната на грип.
Од Институтот посочуваат дека, и покрај зголемувањето на бројот на случаи, активноста на грипот сè уште е на меѓусезонско ниво и не е достигнат епидемиолошкиот праг за почеток на сезоната на грип.
Препораки за заштита од грип
Од ИЈЗ препорачуваат избегнување близок контакт со лица што имаат симптоми на респираторни инфекции, како кашлање, кивање и покачена телесна температура, како и избегнување престој во простории со многу луѓе.
Меѓу препорачаните мерки се редовно миење на рацете со вода и сапун или користење средство за дезинфекција, често проветрување на просториите, соодветно облекување и консумирање доволно течности. Се препорачуваат и разновидна исхрана богата со витамини и минерали, доволно сон, одмор и физичка активност.
За лицата што ќе заболат од грип, ИЈЗ препорачува да останат дома, да избегнуваат контакти со други лица и да внесуваат доволно течности. При кашлање и кивање треба да ги покриваат носот и устата, да одржуваат хигиена на рацете и да носат заштитна маска при контакт со членовите на домаќинството.
Лицата постари од 65 години, оние со хронични заболувања, како и лицата кај кои симптомите се влошуваат или траат повеќе денови, треба да побараат лекарска помош.
Вакцинацијата против грип особено се препорачува за бремените жени, постарите лица, малите деца и хронично болните
Од Институтот потсетуваат дека вакцинацијата е најефикасната заштита од сезонски грип, особено за ризичните групи, во кои спаѓаат лицата над 65 години, децата на возраст од шест до 59 месеци, лицата со хронични заболувања, бремените жени и здравствените работници.
Вакцинацијата во Македонија започна на 21 октомври и се спроведува во центрите за јавно здравје, нивните подрачни единици и здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини се врши преку интернет-страницата www.vakcinacija.mk.
Според податоците од Управата за електронско здравство, заклучно со затворањето на извештајот, со бесплатни вакцини против сезонски грип се вакцинирани вкупно 11.629 лица од ризичните категории на населението.