Шанса за Центар само во Скопје мапираше над 100 јавни објекти – болници, градинки, училишта, касарни, судови… и други установи кои користат нафта и мазут и покрај тоа што градот има централно парно греење.
Од тука велат дека мазутот е исклучително „валкан“ енергенс, но не е за потценување ниту екстра лесното гориво кое содржи многу повеќе сулфур отколку на пример највалканото автомобилско гориво – дизелот.
По мапирањето на главниот град, извршено е обележување и низ цела Македонија и утврдени се близу 700 такви објекти.
„Ако не сакаме да дишеме воздух кој светските медиуми го опишуваат дека „мириса на изгорена пластика“, сега е шансата да се направи промена! Се подготвува новиот државен буџет за 2024 година што е можност да се обратите до пратениците од секоја изборна единица и заедно да притискаме за повеќе пари за борба против загадувањето на воздухот! И општинските буџети се во подготовка, па нивното вклучување во борбата против загадувањето мора да е насочена кон веќе детектираните локални проблеми со воздухот од загревањето на општински објекти.
Во 2023-та не се направи промена на начинот на греење кај огромен број на јавни објекти кои се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима. Тие ќе продолќат да загадуваат и оваа зима и повторно ќе бидеме меѓу трите најзагадени земји во Европа“, велат од Шанса за Центар.
Според нив нема град во Македонија кој во своето урбано јадро нема еден куп јавни објекти кои го загадуваат воздухот.
Скопје води, но во незавидна положба се и граѓаните во Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар… речиси никој не е поштеден.
„За загревање на овие објекти и оваа грејна сезона може да се потрошат над 16,5 милиони литри нафта за греење и над 4,8 илјади тони мазут. Тие и ќе ги дишеме! За нивното загревање за една сезона граѓаните преку Буџетот на државата и на општините ќе платат над 20 милиони евра“, велат од Шанса за Центар.
Мапата на јавни објекти кои се греат на мазут и нафта низ целата држава може да се погледне на линкот.
Од Граѓанска иницијатива велат дека треба да се притиснат пратениците во Собранието и советниците да се заложат за мерки во Буџетот за 2024-та во нивните изборни единици, за да се даде шанса на сите општини да станат почисти.