Денес се одржа работна средба помеѓу работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди во просториите на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека на средбата било истакнато дека потребно е да се задржат програмските определби кои добија поддршка од граѓаните.
„При таквото раководење на идниот владин состав да се запазат договорените принципи на делување, силно динамизирање на ЕУ интеграции, бескрупулозна борба против корупцијата и криминалот и економски реформи за повисок животен стандард“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Било договорено дека разговорите во позитивен дух ќе продолжат и во наредниот период.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно истакна дека во моментот ВМРО-ДПМНЕ има консолидирано 61 пратеник, но продолжуваат разговорите со потенцијалните идни коалициони партнери како што е коалицијата Вреди.