Разбиена е криминална група којашто убивала и продавала дрога низ Македонија.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на прес-конференција, непосредно пред формирањето на новата техничка влада, објави дека за 16 лица ќе бидат изготвени кривични пријави, а во моментот 7 од нив се уапсени, од кои 6 во државата и едно во Шпанија.
Полицијата претресла 20 локации, а групата дејствувала од декември 2019 до март 2021 година.
„Пријавениот Ш.М. заедно со уште две лица О.Б. и Ј.К. формирале група за вршење на убиства. Организаторите создавале планови и носеле одлуки, а ги спроведувале лично или преку припадници“, рече министерот Спасовски.
Како што објави, групата стои зад организацијата и обидот за убиство на лице од селото Бардовци, албански државјанин чиешто тело било најдено на 15 мај 2020 година Матка во Скопје во 2020 година, како и двојното убиство на 5 март 2021 кога во Скопје беа убиени А.Б. и Б.В.
„Лицата организатори извршиле повеќе кривични дела, а се работи за неовластено производство дроги, убиства и обиди за убиства“, рече Спасовски.
Истовремено, набавиле 435 килограмим кокаин од Бразил, од кој преку Белгија дел требал да пристигне во Македонија, како и 106 килограми кокаин со траекторија Перу – Холандија – Македонија.
Набавувале дрога и од Колумбија, а ја пренесувале преку ЕУ, но и преку Албанија до Македонија.