Проширувањето на ЕУ треба да се заснова на јасни принципи, земајќи ги предвид сопствените заслуги на секоја земја во процесот на интеграција. Усогласеноста со овој принцип е гаранција за одржување на стабилноста и безбедноста во Европа. Ова го изјави претседателот н Бугарија, Румен Радев на средбата со комесарот за проширување и соседска политика на Европската унија, Оливер Вархеји, кој е во работна посета на Бугарија, соопштија од прес-службата на шефот на државата.
„Евроинтеграциите на Западен Балкан немаат алтернатива, а напредокот во земјите од регионот не треба да падне надвор од фокусот на европските институции“, посочи Румен Радев.
Тој изрази благодарност за, како што рече, плодниот дијалог и напорите на комесарот Вархеји за развој на процесот на европска интеграција.
Румен Радев и Вархеји, како што се додава во соопштението, разговарале за перспективите на процесот на проширување, како во Западен Балкан, така и во Украина, Молдавија и Грузија. Констатирајќи ги разликите во геополитичкиот контекст во кој се наоѓаат поединечните земји-кандидатки, двајцата истакнале дека пристапот на секоја земја во ЕУ се заснова на сопствените заслуги врз основа на исполнувањето на јасни и недвосмислени критериуми и услови кои се добро познати на сите земји.
Румен Радев изразил очекување дека по завршувањето на изборната кампања во Македонија и одржувањето на изборите, политичката ситуација ќе овозможи целосно спроведување на европската одлука од јули 2022 година, што, како што додава, е неизбежен елемент на патот на Скопје кон ЕУ.
„Изјавите на водечките политички фигури во Република Северна Македонија дадени за време на кампањата од провокативен карактер не помагаат да се зајакне дијалогот меѓу нашите две земји“, рече шефот на бугарската држава.
Румен Радев додаде дека добрососедството е главниот аспект во процесот на проширување и вели дека без оглед на тоа што имало негативнипораки од Скопје, Бугарија е подготвена да ги обнови напорите за конструктивна билатерална соработка.